Дуџак: Зголемениот број заразени со Ковид-19 е огромно предупредување, и натаму треба да бидеме внимателни

Зголемениот број случаи на инфицирани лица во Северна Македонија и во многу други земји е огромно предупредување. Одговорното постапување како колектив започнува со нашето поединечно постапување преку одржување на препорачаното физичко растојание, носење заштитни маски и често миење или дезинфицирање на рацете. Неопходно е и понатаму да бидеме претпазливи и да прифатиме дека и во претстојните месеци постои голема закана од Ковид-19 по нашите животи и општества.

Ова во писмена изјава го истакнува постојаниот координатор на ОН во државава, Росана Дуџак, која посочува дека олеснувањето на некои мерки не значи дека не треба да се штитиме, туку дека мораме да ги приспособиме начините на кои живееме и работиме – со претпазливост, одлучност и одговорност, и покажување солидарност кон другите. Имаме апсолутна обврска, нагласува таа, да продолжиме да ги следиме насоките, кои овозможуваат да се минимизираат ризиците по нашите заедници и проактивно да се одговори на кризата, за да не се стави дополнителен товар на веќе и така оптоварениот јавно-здравствен систем.

Според неа, влијанијата од Ковид-19 се опустошувачки и не тераат да размислиме за начинот на кој живееме.

-Системите за јавно здравство се прекумерно оптоварени во последниве неколку месеци и тоа е тест за нашата поединечна и колективна способност да се справуваме со тешки ситуации. Олеснувањето на мерките кои беа воведени ширум Европа и во Северна Македонија, вклучително и отворањето на границите, се прифатени и нудат доза на оддишка, но, истовремено наметнуваат огромна одговорност да ги примениме корисните лекции кои ги научивме последниве неколку месеци – и поединечно и колективно, вели Дуџак.

Јакнењето на здравствениот сектор, потенцира, е еден од најголемите приоритети во Северна Македонија, која мора да ги насочи своите заложби и одлучно да инвестира во здравствената заштита за да се зголеми подготвеноста и капацитетот за давање одговор бидејќи од тоа зависи животот на луѓето. Таа истакнува дека инвестирањето во здравствениот систем е нешто кое не важи само за сегашната пандемија, тоа е еден од начините да се подобри квалитетот на живот во земјата и да се обезбеди стратегија за одговор на слични шокови во иднина.

Создавањето робустен систем за управување со информациите и остварувањата и со кој се врши проценка на ранливостите и ризиците, зголеменото финансирање на здравството и јакнењето на примарната здравствена заштита, вели Дуџак, се само некои од клучните среднорочни приоритети на патот кон посилен здравствен систем и универзално здравствено покритие во Северна Македонија.

-Кризата послужи и како огромно предупредување за системските јазови и ранливости, како и нееднаквоста која опстојува во нашите општества – помеѓу половите и оние кои се економски или социјално маргинализирани. Со ширењето на вирусот видовме неприфатливо зголемена стапка на семејно насилство и злоупотреба, детско запоставување и зголемена дискриминација во општеството, и на локален и на глобален план. Способноста за справување и ублажување е во голема мера определена и влошена од постоечката нееднаквост и дека оние кои се оставени да заостанат зад другите се честопати оние кои се најтешко погодени, вели Дуџак.

Потенцира дека за да може целосно да се разбере сложеноста и сериозноста на влијанијата од Ковид-19 ќе бидат потребни години и години за истражувања и анализи, а разбирањето и справувањето со влијанијата не се сведува само на броење на оние кои се инфицирани или ги изгубиле животите.

-Да сочувствуваме, покажеме емпатија и да не ги заборавиме оние кои се најзасегнати, и нивните семејства и пријатели, е тоа што не прави луѓе. Животот мора да продолжи, да ни носи радост и надеж, но, работејќи во насока на закрепнување, мора да останеме претпазливи, одговорни и ефективно насочени кон јакнење на приоритетите за отпорност на нашите заедници. Сите достигнувања на Северна Македонија од независноста досега, ме уверуваат дека оваа прекрасна земја и топли луѓе имаат сила да ја надминат секоја криза. Како и секогаш, семејството на ОН е тука до вас да помогне и да ги слави вашите успеси, додава Дуџак.

Back to top button
Close