Духот на американскиот гласач

Светот побрза да му честита на Трамп за спектакуларната победа на претседателските избори, давајќи и со тој чин признание за американската демократија. Уште во зорите на победата на Трамп испливуваат константи за нејзините сериозни влијанија за политичките разврски, односно за активни преземања на планот на политиката во многу од моќните земји на планетава.

Независно од реалната неможност за долгорочно опстојување на овие влијанија, многу лидери од Кина до Русија, од Франција до Бразил, од Германија до Индија, а да не говориме за помалку моќните, ќе стават прст на чело кога ќе ги планираат своите предизборни кампањи, кога ќе прават краткорочни калкулации со средините кои ќе ги подржуваат и ќе финансираат во нив, очекувајќи идни лични бенефити. Тие лидери ќе ги анализираат и пропустите во кампањата на Камaла Харис, на која на само денови пред денот на изборите во САД и се насмевнуваше победата.

Токму во тие „празни одови“ потфрлија советниците на Камала Харис, кога добро не го проценија вистинскиот дух на американскиот гласач, на американскиот суверен одлучувач за неговите очекувања од оние кои ќе одлучуваат за неговите пари што тој ги уплатува во буџетот. Во сојузните држави на САД како да недостасуваа психолози и социолози во изборните штабови на Харис. Зарем демократите ја немаа во вид социо-економската и образовната структура на гласачкото тело во една Небраска, Охајо… во споредба со онаа во Калифорнија, Њујорк, Масачусетс. Зошто очекуваа пресврти во Пенсилванија, Мичиген…?, Зошто не и советуваа на Харис, посериозно да ги зема во предвид психо-културните, традиционални животни вредности на просечниот американски граѓанин, неговиот страв од непознатото, од иднината и покрај неговата опседнатост со потребата да се постигне успех, да биде максимално истраен во зацртаното и оствареното, како сопствена животна филозофија. Зошто не се угледаа на итриот Обама кога својата либерална реторика ја прилагоди на тој дух на американскиот гласач. Дали пак, краткиот временски теснец по тетеравењето на Бајден да се повлече, не им дозволи на Демократите солидно да ја подготват Харис за оваа битка која навидум ја добиваа на само неколку недели пред судниот ден?

На крајот на краиштата вредностите за кои легитимно се бореше Харис иако беа благопријатни за слободарските и интелектуалните средини не само во САД, создаваа благ удар во психата на просечниот американски гласач, кој на судниот ден на американската демократија ги стави на вага со неговата животна филозофија: нема што некој да се меша во моите семејни работи и да ми одредува кои репродуктивни цели ќе има во моето семејство, која ќе биде хиерархијата на донесување на одлуки за мојот и за животот на моето семејство, децата, за староста и за смртта. Требаше да бидат земени во предвид всадените импулси на американскиот гласач за доследна упорна борба, за неговата индивидуална борба за постигнување на поставената цел (упорност иманентна за Трамп), да бидат земени во предвид опседнатоста на просечниот Американец со потребата за остварување на материјални вредности за да се опстои, за да се чувствува сигурен, сега и веднаш (како што налага животната филозофија на со месеци веќе вградениот Илон Маск во тимот на Трамп).

Покрај сите пост анализи, кога и генералите се најпаметни по војните, не може да се отстрани впечатокот дека токму тие карактеристики на духот на американскиот гласач многу добро и навремено во своите јавни настапи ги валоризираше повторувачот во Белата куќа. Трамп, независно од бруталниот речник кој го употребуваше, фасцинираше со својата упорност и доследноста за влевање на страв кај гласачите од недоаѓање на непознати политики на планот на нивната лична и колективна безбедност, особено околу емиграцијата, политики кои ќе ја загрозат семејната благосостојба и работниот ангажман на просечниот американски граѓанин. Тие негови стабилно повторувани пораки создадоа дури и едно масовно движење МAГА (од “Make America proud again“ или „Да ја направиме Америка повторно горда“) и имаа разорна моќ, дури и поголемо влијание од неговото опкружување и поддршка на најбогатите бизнисмени како што беа Илон Маск и Џеф Безос. Последниве не може да се рече дека со своите пари и влијание не му помогнаа Трамп да се врати на кормилото на САД, туку само ја засилија реториката на Трамп дека Америка со него (и со поддршка на врвниот бизнис) повторно ќе биде голема. На овие поплави од притисоци на свеста на Американскиот гласач, како да подлегна и американското новинарство, како да ја антиципира неговата реакција. Прогласувајќи се за неутрални во трката на двајцата претенденти за претседател, најзначајните американски медиуми (Вашингтон пост, Њујорк тајмс…) во суштина по страна ја ставија својата позната луцидност и висперност и калкулираа со својата идна позиција во американската јавност, што му дозволи на Трамп јавно да ги подведе како свои поддржувачи.

За отворената поддршка за Трамп на високиот бизнис, независно од очекуваните турбуленции во нивната идна соработка, математиката кај двете страни беше јасна – да се постигне моментален успех. Допрва ќе се појавуваат дисонантни тонови во реализацијата на прокламираните цели на Трамп и истакнатите „визии“ на високиот бизнис, со најавите за потребата од намалување на стегите за бизнисот, паритетната конкуренција во однос на претседателот, кратењето на работните места во администрацијата која му е потребна на секој претседател, затворањето на американскиот пазар за развиените односи и профити на големиот бизнис, со и од извори на ресурси, не само човечки од емигрантските и земјите со природи богатства… Како една упорна и суетна личност како Доналд Трамп ќе може да ги оствари и одржи релациите со овие бескрупулозни и планетарно успешни бизнис тајкуни и широкиот спектар на од нив зависни продуктивни средини, денес е тешко да се предвиди, а уште потешко ќе биде по 20 јануари кога потписот на Трамп на извршните одредби ќе биде точка на овие релации. Дали еден Маск ќе се задоволи само со ново добиените 15 милијарди долари со скокот на неговите акции на денот на победата на Трамп, кога веќе ита кон освојување на вселената, надминувајќи ја и НАСА во таа трка?

По изборите во САД и „генералите“ кај нас треба да го стават прстот на чело и да се замислат, се во зависност од нивните капацитети својата позиција во македонското општество реално да ја димензионираат според објективните социо-економски и психо-културолошки карактеристики на гласачот во нашата држава, што ќе ја одредува и нивната понатамошна општествена улога и политичка моќ. Во спротивно, водени од сјајот на запалените рефлектори, ќе бидат ефемерни лисја за една политичка употреба.

Виктор Габер

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close