ДУИ ја објаснува изјавата на Ахмети: Груевски и Заев се среќаваа за преговарачкиот процес во Пржино
Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска преку соопштение ја објаснува изјавата на партискиот лидер Али Ахмети што тој викендов ја даде во интервју за ТВ 21, а во која кажа дека изминативе неколку години имало неколку тајни средби помеѓу него, Зоран Заев и Никола Груевски во врска со измените на Кривичниот законик.
Согласно преводот на интервјуто што го обезбеди ТВ 21, изјавата што ја даде Ахмети гласи:
„Три години е разговарано, дебатирано со опозицијата и во тоа време преземавме заедничка иницијатива ДУИ, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за да се укине стариот Законик. Првично не се согласуваше Зоран Заев и потоа кога се договаравме за да се укине договорот со СДСМ, зашто СДСМ првично се повлече, кога се договоривме со СДСМ, се повлече ВМРО-ДПМНЕ. Се повлече Христијан Мицкоски од измената на Кривичниот законик и ова беше големо изненадување. Имало десетици средби во Клубот на пратеници за измена на овој Законик и негово усогласување со европските стандарди. На тие средби имало работни групи. Средбите се остварени на многу таен начин помеѓу Зоран Заев, Никола Груевски и мене. Сме разговарале со часови и со денови. Дојдовме до момент кога се согласивме сите и на крај се повлече ВМРО-ДПМНЕ.“
Денеска, пак, од неговата партија преку писмено соопштение велат дека средбите со Заев и Груевски, за кои Ахмети говореше во интервјуто, биле во врска со пржинскиот договор, а на нив се разговарало за надминување на состојбите преку, како што додаваат од ДУИ, процесот на вистината и помирувањето.
„На овие средби на лидерите во Клубот на пратеници, кои се одржани со знаење на меѓународната заедница и партиските раководства, беше формирана работна група во состав на Оливер Спасовски, Никола Тодоров и Артан Груби“,додаваат од ДУИ.
Во партиското соопштение, од ДУИ се осврнуваат и на измените во Кривичниот законик со кои, меѓу другото, се намалуваат казните за злоупотреба на службената положба. Велат дека измените првично биле побарани од ВМРО-ДПМНЕ уште пред усвојувањето на уставните измени од Преспанскиот договор.
„Потоа, Кривичниот законик беше барање и на новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на лидерските и билатералните средби, но по неговото оддалечување од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и покрај согласувањето на СДСМ, тој се повлече од ова барање“ посочуваат од ДУИ.
Од партијата додаваат оти будно ја следат загриженоста во ВМРО-ДПМНЕ и длабоките поделби што, како што велат од ДУИ, се појавуваат во битката меѓу интеграција и изолација.