ДУИ бара истрага за непријавениот имот на директорот на „Номагас“, Недим Рама
Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска го обвини Недим Рама, актуелен директор на државната компанија „Номагас“, тврдејќи дека тој повеќе од четири месеци одбива да поднесе анкетен лист за неговата имотна состојба до Антикорупциската комисија (ДКСК).

Од партијата го означуваат Рама како „десна рака“ на Изет Меџити и бараат итен одговор од институциите за потеклото на неговиот имот.
Според ДУИ, со криењето на анкетниот лист се отвора основан сомнеж за прикривање на интереси и системска корупција. Тие потсетуваат дека против Рама веќе постои еден предмет во ДКСК кој сè уште нема завршница.
„Кога директор на државна компанија со месеци не пријавува имот, се отвора основан сомнеж за прикривање интереси и влијанија и потенцијален судир на интереси. ДКСК мора веднаш да отвори и втор предмет и целосна истрага за непријавениот имот на Недим Рама“,се вели во соопштението на ДУИ.
Од ДУИ велат дека првиот предмет на ДКСК се однесува токму на Недим Рама откако било откриено дека ланч-барот „1Ш“, управуван преку фирмата „Неар 2015“, чии сопственици биле Недим Рама и заменик-министерката Калтрина Зеколи-Шаќири, добивал исплати од Општина Чаир за репрезентација.
Овие исплати, велат од ДУИ, се случувале во период кога Калтрина Зеколи-Шаќири извршувала заменик-министерска функција, а Недим Рама бил посебен советник за финансии во кабинетот на Изет Меџити во Министерството за животна средина.„Но, скандалот не завршува тука. Угостителскиот објект поврзан со Недим Рама добивал јавни пари и многу пред тој да стане советник во Министерството за животна средина. Во тој период, Рама бил секретар на Општина Чаир, во време кога со општината раководел Висар Ганиу. Тоа значи дека фирма поврзана со висок општински функционер добивала средства токму од институции блиски до центрите на моќ каде тој дејствувал“,се додава во соопштението од Демократската унија за интеграција.
Според ДУИ, компанијата добивала и државна помош преку Агенцијата за вработување во период кога сопствениците вршеле високи политички функции.
ДУИ ја повика Антикорупциската комисија да не молчи и без одлагање да поднесе иницијатива до Основното јавно обвинителство за кривично гонење на Рама и Зеколи-Шаќири. Исто така, велат дека ДКСК мора да отвори и предмет за Недим Рама за неговото непријавување имот и да тргне во акција да истражува – како со општинска и советничка плата стекнал несразмерно големо богатство.
„Јавноста со право прашува: Дали институциите биле претворени во сервис за блиски луѓе на власта и дали политичките функции биле користени за приватен бизнис и финансиска корист?“,велат од партијата.
Од опозициската партија сметаат дека правдата не смее да застане пред вратите на функционерите и дека законот мора да важи подеднакво за сите.






