ДУИ: Дебаклот во Давос е слика за урнисана меѓународна позиција на земјава
„Демократската унија за интеграција уште еднаш потсетува на крајно погрешната и штетна патека по која се движи Република Северна Македонија, стратешките отстапувања и честото менување насока, која земјата ја доведе во длабока меѓународна изолација, каква што државата не памети во поновата историја“ велат од ДУИ.

Од опозициската партија соопштија дека „Резултат на оваа промашена политика е дебаклот што Премиерот и владината делегација го доживеаја на Светскиот економски форум во Давос – дипломатски пораз кој ја маргинализира и ја става во подредена позиција целата земја. На форум на кој практично целиот свет беше присутен, Премиерот заедно со владината делегација речиси да немаа ниту една значајна билатерална средба, а нивните настапи на перифериите од форумот, преку нивните видеа на социјалните мрежи, дополнително ја отсликуваа тажната состојба во која е доведена меѓународната позиција на земјата“.
„Давос покажа и целосно промашување на таканаречената „Периметар дипломатија”. Додека соседните држави беа поканети од претседателот Трамп на т.н. „Board of Peace”, земјава остана меѓу непоканетите. Незрелото менување правци во надворешната политика, но и нејасната позиција на земјата кон сопствената стратешка ориентација, ја доведе државата денес да е игнорирана и од Европската Унија и од Соединетите Американски Држави – двата клучни стратешки партнери на земјата“ е ставот на ДУИ.
Сметаат дека „последиците од оваа изолација веќе се чувствуваат. Европското досие сѐ повеќе се трга настрана, земјата станува ранлива на странски влијанија од алтернативните центри на моќ, со што ѝ се заканува колапс не севкупниот политички систем. Два американски инвеститори ја напуштија земјата, нови инвестиции не доаѓаат, буџетот се празни, а економскиот стандард ги прави граѓаните да живеат сѐ посиромашно. Ова не е апстрактна политика, туку состојба која директно ќе ја погоди секоја фамилија, секој работник и секој бизнис“.






