ДУИ ќе биде избришан од учебникот по албански јазик,ветува МОН
Министерството за образование и наука (МОН) уверува дека ќе биде коригирана содржината од новиот учебник по албански јазик за петто одделение во кој, во лекцијата како правилно се пишуваат кратенки, меѓу другите, како пример се најде и скратеницата ДУИ – Демократска унија.
Од Министерството порачаа дека образованието и воопшто целиот образовен процес се политички неутрални процеси и надвор од дневните партиски политики, и поради тоа, апелираа до авторот учебникот (Вехби Кадриу) и Педагошката служба да постапат за конкретниот случај согласно Законот за учебници.
Откако авторот и Педагошката служба ќе постапат, Министерството, додаваат оттаму, во соработка со операторот кој е избран да ги испечати учебниците, во најкус временски рок и без дополнителни трошоци ќе изврши корекција на увидените пропусти и грешки.
Како и за грешките кои се најдоа во други учебници за основно образование, МОН се огради и за содржината на учебникот по албански јазик за петто одделение во кој се „протна“ ДУИ. Оттаму велат дека Националната комисија е таа која е задолжена да го води процесот на одобрување на учебниците.
„Процесот на одобрување на еден учебник го води Националната комисија за учебници и на истиот во никој случај и од ниеден аспект не влијаат раководните структури на Министерството, ниту пак било кои политички чинители“,додаваат од МОН.