ДУИ е консолидирана и е подготвена за предвремени парламентарни избори, вели потпретседателот Бујар Османи

По првите месеци од изборите во 2024 година ДУИ беше под сериозен политички притисок, непренципиелни напади и селективна правда, но во моментот партијата е консолидирана и не се наоѓа во криза, вели потпретседателот на партијата, Бујар Османи, во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
На новинарска забелешка оти присуството на партијата во јавноста и острината на пораките кои се испраќаат не наликуваат на ДУИ што ја знаеме и дека во медиумите ги нема Крешник Бектеши, Фатмир Бесими, Артан Груби и други, Османи вели дека луѓето го потценуваат конгресот на партијата и оти можеби грешката што тие ја прават е тоа што не успеале да ја презентираат реформата онака како што треба бидејќи согласно одредени анкети луѓето сѐ уште мислат дека ДУИ не е доволно реформирана иако 82 отсто од членовите на Генералното собрание се лица кои никогаш не биле носители на функции.
По ова, Османи беше прашан – кое од тие нови лица е јавно препознатливо.
„Сега имаат шанса да станат јавно препознатливи. Бидејќи ако се водиме по јавна препознатливост, ние никогаш нема да ги смениме тие луѓе, бидејќи секогаш тие што биле претходно се јавно попрепознатливи од новите“,рече Османи.
Тој смета дека во јавноста се создала перцепција дека ДУИ е нереформирана поради долготрајноста на владите во кои тие биле дел, и оти тие знаат дека не се совршени и оти секоја порака испратена до нив на избори ја читаат и ја рефлектираат.
Според него, претседателот на партијата Али Ахмети има додадена вредност за партијата бидејќи е потребен и таму и на Албанците во државата зашто, според него, нема човек кој не вели оти има позрел и помудар политичар во Македонија кој никогаш не осцилира врз основа на анкети или дневнополитички случувања.
„На луѓето дури некогаш им е тоа досадно, велат: ’Еве како папагал Ахмети повторуваше НАТО, НАТО, НАТО’… Се случи НАТО. Кога зборуваше Ахмети пред 20 години, памтам, или 15: ’Немојте, Украина не е далеку’ – луѓето се смееја, види овој зборува за Украина. И стварно во 2022 г. се случи Украина со сите последици што ги донесе. Значи, на државата тоа ѝ фали. Ѝ фалат луѓе коишто се државници, а не се само политичари. Дефиницијата ја знаеме“,
вели потпретседателот на ДУИ.
Дополнително, вели тој, се наоѓаме во ситуација кога е поништен мировниот договор од 2001 г. со што се поништува сврзното ткиво на унитарната држава бидејќи според него случувањата кај Албанците се до точка на вриење, а на маса првпат се слушаат разговори што до пред две години биле табу теми. На ДУИ ѝ преостанува или да се обиде да ја искористи таа фрустрација и тоа вриење да го канализира во политичка кауза или, пак, да се обиде да ја рационализира таа емоција кај Албанците.
„Дури и сега ние сме под мета на критика – зошто не нè повикувате да излеземе на протести? Сега се разбира и ние имаме одговорност. Ќе ги повикаме да излеземе на протести, но кој ќе успее да ја контролира после таа маса? Јас ви велам – за жал, Македонците, толку сме блиску, толку живееме еден до друг, а толку не се разбираме. Кога студентите најавуваа дека ќе има протести, немаше ниту една вест во македонските медиуми дека има најавено, освен последните неколку часа, за утредента кога гледаат 15 000 луѓе на улица од тројца анонимни студенти, да се шокираат од каде излезе сега ова. Затоа што не нè слушате. Упорно две години ви зборуваме дека можеби за вас тоа не е важно, меѓутоа за нас е егзистенцијално прашање“,изјави Османи.
Кога станува збор за анкетите кои се прават за рејтинзите на партиите во моментов, според Османи, тие водат на сите релевантни истражувања. На прашањето дали на ДУИ и одговараат предвремени избори во ваква политичка ситуација во земјава, поранешниот министер за надворешни работи вели – апсолутно да, и покрај фактот што постојат граѓани кои се разочарани од ДУИ.
За него лично е важно да се оди на избори за да се прекине агресијата што актуелната власт ја прави со „обиди за ревизионизам на Охридскиот мировен договор“.
„Знам дека ќе звучи ова демагошки, но еве јас зборувам во лично име – мене многу ми е помалку важна судбината на ДУИ отколку последиците од ова поништување на Охридскиот договор. Бидејќи чекорите стануваат веќе иреверзибилни (неповратни). И да се врати ДУИ на власт, и да се поместат, некои работи тешко ќе можат да се вратат бидејќи така е подготвено сценариото за ревизионизам на Охридскиот мировен договор. И затоа многу ми е поважно да одиме на избори, да ја прекинеме агресијата. А како ДУИ тоа ќе го искористи и ќе се претвори во поддршка за нив… иако верувам дека знаете, кога сте во опозиција луѓето и поинаку одговараат на анкети“,заклучи тој.






