ДУИ и Алијанса на Таравари: Стоилковиќ ги избриша Албанците од грантовите за граѓанските здруженија
ДУИ и Алијансата за Албанците на Арбен Таравари реагираа по објавувањето на резултатите од распределбата на грантовите на граѓанските здруженија од страна на Министерството за односи меѓу заедниците, предводено од Иван Стоилковиќ. Двата политички субјекти нагласија дека распределбите се дискриминаторски и навредливи за албанската заедница, обвинувајќи го Стоилковиќ за намерна политика на исклучување. Додека ДУИ бара ревизија и институционална одговорност, Алијансата алармира за опасни соработки во рамките на владата и ги обвинува своите поранешни партнери за молчење и предавство на албанските интереси.
„Алијансата за Албанците изразува сериозна загриженост за дискриминаторскиот начин на кој се распределуваат грантовите од страна на Министерството за политички систем и меѓуетнички односи, предводено од Иван Стоилковиќ. Во списокот објавен во Службен весник бр. 121, на 17 јуни, се забележува отворен пристап што ги фаворизира здруженијата на српската заедница и ги маргинализира албанските, со само 3 проекти избрани за Албанци, во споредба со 5 за српски здруженија и неколку други за немнозински заедници“, се наведува во одговорот на Aлијанса на Таравари.
Друго прашање што предизвикува загриженост за Алијанса е објавувањето на вицепремиерот Арбен Фетаи, кој на 3 јуни, 14 дена пред официјалното објавување на победничката листа, објави здружение од неговиот роден град како корисник на владин грант. Тие јавно го повикуваат Фетаи да ја разјасни оваа сомнителна акција, „бидејќи селективната транспарентност не е напредок – тоа е манипулација и политичка употреба на позицијата за тесни интереси“.
„Ги прашуваме Фетаи и неговиот шеф, Аднан Азизи, дали Иван Стоилковиќ е спонзор на обидот за поделба на Алијансата за Албанците? Дали коалицијата ВЛЕН разбира дека станала дел од компромисот на албанските интереси, преку соработка со личности како Стоилковиќ и Ангелов – кои без никакви пречки наметнуваат агенди што им штетат на Албанците, отпуштаат директори-Албанци по своја волја и туркаат достојни за осуда закони како оној за бранителите кој ја навредува историјата и националното достоинство на Албанците?“, се наведува во реакцијата.
Демократската унија за интеграција, исто така, реагираше на, како што велат, скандалозниот начин на кој средствата беа распределени на граѓанските здруженија од страна на Министерството за односи меѓу заедниците.
„Според податоците објавени од медиумите, резултатите се следниве: 29 проекти за македонски здруженија, 5 проекти за српски здруженија, 3 проекти за ромски здруженија и само 3 проекти за албански здруженија.
Ова не е само неурамнотежена распределба, туку е намерна дискриминаторска политика. Албанците, кои претставуваат една од најголемите и најактивните заедници во земјата, систематски се бришат од списокот на корисници, дури и во министерство кое е задолжено за одржување на меѓуетничката рамнотежа и правичната застапеност.
Стоилковиќ, со своите добро познати антиалбански позиции и врски со кругови надвор од државниот интерес на Република Северна Македонија, ја користи институцијата за поттикнување на поделба, исклучување и пропаганда, наместо да гради доверба меѓу заедниците.
ДУИ бара итна институционална ревизија за овој скандал со изразена етничка содржина; политичка и институционална одговорност за министерот“, порачаа од ДУИ.