ДУИ и Талат Џафери го демантираат Мицкоски, тврдат дека немаат примено никакво УСБ и документи
Талат Џафери и ДУИ ги негираат наводите што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ги изнесе во изминативе два дена за наводно УСБ со докази за тајна комуникација меѓу нив, СДСМ и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
„Ахмети и Џафери немаат примено никакво плико и никакво УСБ. ДУИ не е дел од било какви интигрантни сценарија или заговори и нема двојна агенда“,
е одговорт на Демократската унија за интеграција (ДУИ) даден за Канал 5 телевизија.
Одговорот на ДУИ доаѓа откако два дена лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека има докази за дејствување на оска ДУИ,-СДС-Груевски и оти можеби треба да им се освежи меморијата за пликоата кои ги добиваа со едно УСБ и Ахмети и Џафери.
Од ДУИ за Канал 5 одговорија дека тврдењата на Мицкоски се неточни. Оттаму повторуваат дека средбите со Груевски за кои зборуваше Ахмети биле за пржинските преговори и негираат дека некогаш преговарале со експремиерот за Кривичниот законик, бидејќи, како што велат, во тоа време не постоеше СЈО и нивните обвиненија против него.
„Единствените разговори за Кривичниот законик се водени со Мицкоски на лидерските средби во Клубот на пратениците по негова иницијатива и барање откако стана претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Ахмети и Џафери немаат примено никакво плико и никакво УСБ. ДУИ не е дел од било какви интигрантни сценарија или заговори и нема двојна агенда“,велат од ДУИ.
И претседателот на Собранието, Талат Џафери, ги отфрла наводите на Мицкоски.
„Апсолутна шпекулација. Ако има докази нека докаже пред Бог, пред Алах, пред државата“,
рече Џафери во кратка телефонска изјава за ТВ Телма.
Денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека Талат Џафери и Али Ахмети треба да кажат за содржината на УСБ-то и каков документ има во пликото кое го имаат добиено. Мицкоски рече дека тој ќе ги следи нивните изјави и дали ќе ја кажат вистината.
„Да оставиме тие да ја кажат вистината бидејќи тие добиле два од трите документи“,рече Мицкоски.
Изјавите за наводните документи дадени на Џафери и Ахмети, Мицкоски првпат ги изнесе вчера во гостување на ТВ Алсат каде рече „можеби треба да им се освежи меморијата и за пликоата кои ги добиваа со едно УСБ и Али Ахмети и Талат Џафери во 2022 година пролетта, што имаше во тоа УСБ и кои беа документите кои беа дел од тоа“.