ДУИ: Им оставивме пари за да го градат булеварот Хасан Приштина – ги пренаменија за подземната сообраќајница
ДУИ тврди дека проектот за автопатот Скопје–Блаце бил планиран заедно со продолжувањето на булеварот „Хасан Приштина“, односно Качанички пат, кој требало да обезбеди директна и современа врска од скопската обиколница до градот.

Од партијата потсетуваат дека на 6 април 2023 година биле издвоени осум милиони евра за оваа сообраќајна врска – два милиони евра за кружниот тек кај булеварот „Словенечка“ и шест милиони евра за изградба на булеварот „Хасан Приштина“, средства кои биле префрлени на Град Скопје.
Според ДУИ, проектот бил замислен како дел од поширока инфраструктурна целина, бидејќи автопатот Скопје–Блаце, како што велат, нема целосно значење без модерен влез во Скопје од правецот на Косово.
Од партијата наведуваат дека Град Скопје веќе го имал проектирано булеварот и дека биле водени разговори и со стопанствениците од подрачјето на Визбегово.
ДУИ го обвинува ВЛЕН дека наместо да го продолжи проектот, средствата ги пренасочува кон друг проект во центарот на Скопје, алудирајќи на одлуката на Градот средствата да се наменат за подземната сообраќајница под Дајмонд.
„Не може да се зборува за автопатот Скопје–Блаце, а истовремено да се отстрануваат средствата за патот што треба директно да го поврзе со Скопје“, велат од ДУИ.
Од партијата повторно обвинуваат дека ВЛЕН го одложил и самиот проект Скопје–Блаце за две и пол години и дека со тоа неговата вредност се зголемила за повеќе од 30 милиони евра.
Според ДУИ, тие ја имале проектирано и буџетирано целата врска од границата со Косово до Скопје, а сегашната власт, како што тврдат, ги одложува, поскапува и менува веќе подготвените проекти






