ДУИ:Македонија има потреба од јасна ориентација кон ЕУ и координација на активностите во рамките на НАТО
Соопштение на ДУИ
Демократската унија за интеграција изразува сериозна загриженост за насоката во која се движи надворешната и внатрешната политика на земјата, во време кога Северна Македонија има потреба од јасна ориентација кон Европската Унија и координација на активностите во рамките на НАТО. Наместо зајакнување на врските со нашите стратешки партнери, се промовира реторика и практика што буди носталгија за опасни проекти како „српскиот свет“, со отворени проруски и проунгарски тенденции.
Додека се зборува за „специјални економски односи“ со Унгарија и за градење „заеднички регион“ со Србија, намерно се премолчува за Коридорот 8 – стратешки проект што ја поврзува Македонија со Албанија и Бугарија, две земји-членки на НАТО и ЕУ. Истовремено, приоритет се дава на Коридорот 10, кој ја насочува земјата кон еден недеклариран источен блок, туѓ на европските вредности и на долгорочните интереси на нашите граѓани.
Овие случувања добиваат целосна смисла во светло на неодамнешната посета на Милорад Додик во Скопје, познат по својата антиевропска реторика и длабоки врски со Москва и Белград. За време на официјалниот прием организиран од страна на државниот врв, Додик го искористи своето јавно обраќање за да го засили евроскептицизмот во јавноста, отворено предизвикувајќи ја евроатлантската ориентација на земјата. Ова не е само политичка симболика – тоа е координирана стратегија, која се случува во момент кога влијанието на Владата на Србија врз нашите институции значително се зголемува. Дополнително, во последно време се појавуваат и донации од субјекти со српско потекло, како што е случајот во Тетово.
Понатаму, вклучувањето на високи верски фигури од странски земји со источни ориентации во државни активности, под покровителство на актуелната Влада, дополнително ја засилува една антизападна агенда, во време кога на земјата ѝ е потребна непоколеблива фокусираност на евроатлантскиот пат.
Како резултат, се пренасочуваат и државните приоритети, а земјата ризикува да го загуби не само шансата за интеграција, туку и за рамномерен и одржлив регионален развој. Коридорот 10, кој ја ориентира земјата кон југ и исток, се става пред Коридорот 8, иако токму тој е нашата најдиректна врска со две НАТО-членки и со европскиот пазар. Се тврдеше дека уставните измени ќе се реализираат во рок од 3 до 6 месеци по формирањето на Владата, а денес за тоа веќе не се зборува, додека евроинтеграциите не бележат напредок, туку назадување.
Овој пристап претставува опасна антиевропска логика, која не само што ја компромитира позицијата на земјата во преговарачкиот процес со ЕУ, туку сериозно го загрозува и постигнатиот напредок во меѓуетничките односи. Нашите заеднички вредности со Западот не се само стратешки – тие се вредносни: демократија, еднаквост, соживот и функционална држава.
ДУИ ќе продолжи да биде на првата линија на одбрана на евроатлантскиот курс на земјата, на инфраструктурата што ги поврзува граѓаните од сите етнички заедници со Европа, и на вистинската еднаквост меѓу заедниците. Северна Македонија не смее да се претвори во експериментално тло за проекти што не го отсликуваат ниту националниот интерес, ниту граѓанската волја.
Времето на вистината се приближува, а граѓанската казна ќе биде неизбежна и масовна кон овие политики што ја оддалечуваат Северна Македонија од нејзините стратешки определби.