ДУИ: Македонија се откажа од европската политика за две држави Палестина и Израел; срам за Владата ВМРО-ВЛЕН-ЗНАМ
Соопштение на ДУИ
На денешната прес-конференција на Демократската унија за интеграција, Решат Амети остро ја критикуваше Владата за начинот на кој Северна Македонија се позиционираше на последното Генерално собрание на Обединетите нации.
„Во еден историски пресврт, Македонија се откажа од европската политика за две држави во израелско-палестинските односи. Ова е пораз не само за државата, туку и за европската иднина на сите наши граѓани,” изјави Амети.
Резолуцијата за решение со две држави- Палестина и Израел, иницирана од Франција и Саудиска Арабија, беше усвоена со огромно мнозинство: 142 гласа „за”, 10 „против” и 12 „воздржани”. Северна Македонија, за жал, се најде во групата од 12 воздржани земји, заедно со Етиопија, Република Конго, Гватемала, Фиџи и Еквадор, а не покрај нашите стратешки партнери Франција, Германија и Италија, кои гласаа „за”.
„Државата што некогаш имаше јасен став- две еднакви држави, Палестина и Израел, денес молчи и се приклучува на земји што немаат ништо заедничко со нашите евроатлантски аспирации. Владата ВМРО-ВЛЕН-ЗНАМ со ова го оддалечува народот од своите вистински сојузници и ја става Македонија на погрешната страна на историјата,” рече Амети.
Тој особено ја критикуваше ВЛЕН:
„ВЛЕН зборува за мир и за Палестина во митинзи и на социјални мрежи, а во Владата молчи и поддржува неправда. Тоа е политичко лицемерие и измама кон граѓаните,” нагласи Амети.
ДУИ предупреди дека ова однесување е опасно за меѓународната позиција на државата:
„Со вакви постапки Владата ја изолира Македонија и ја турка кон опасни алијанси што немаат ништо заедничко со европските вредности. Ова е срам за Владата ВМРО-ВЛЕН-ЗНАМ и јасен показател дека овој коалициски состав нема јасна визија ниту за мирот, ниту за европската интеграција, ниту за нашата национална безбедност,” подвлече Амети.
ДУИ ќе продолжи да биде гласот на граѓаните кои сакаат Македонија да биде сигурен сојузник на Европската Унија и кои не прифаќаат државата да стане заложник на мрачни просрпски и проруски политики