ДУИ: Мицкоски јасно го откри неговиот план за деградирање на статусот на албанскиот јазик

Вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека двата члена од Законот за заштита на децата, кои беа оспорени од претседателката на државата, ќе бидат коригирани и вратени во собраниска процедура, за опозициската ДУИ претставува јасно откривање на неговиот план за деградирање на службениот статус на албанскиот јазик.

Од партијата утринава повторно реагираа преку писмено соопштение откако претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не го потпиша указот за прогласување на Законот за заштита на децата бидејќи, според неа, изгласаните измени содржат повеќе спорни одредби, односно не е употребена формулацијата „јазикот што го говорат најмалку 20 проценти од граѓаните“, како што налагаат Уставот и законите.

ДУИ за одлуката на претседателката на државата реагираше во неделата, а денеска од партијата се спротивставија на изјавата на премиерот Мицкоски дадена вчера, во одговор на новинарско прашање.

„Вчерашната изјава на премиерот јасно го откри неговиот план за деградирање на службениот статус на албанскиот јазик враќајќи една застарена и неприфатлива формула, како што беше во законот од 2008 година, каде што албанскиот јазик се користеше само на барање на Албанците и преку пополнување посебни формулари. Ова е отворен обид за укинување на албанскиот јазик загарантиран со Уставот и со Законот за употреба на јазиците од 2018 година, кој го постави албанскиот јазик како службен во сите централни институции. Сега е јасно дека владата не ја признава оваа реалност и се подготвува да го укине овој закон преку Уставниот суд“,се вели во соопштението на ДУИ.

Од партијата на Али Ахмети велат дека ова е неприфатлив потег и порачуваат дека нема да дозволат албанскиот јазик да биде сведен на секундарен статус или да биде условен од бирократија или политичка волја на поединци.

Велат дека ќе ги искористат сите политички правни и демократски средства за да се спротивстават на овој, како што наведуваат, регресивен чекор и да го одбранат статусот на албанскиот јазик.

„Ги повикуваме сите Албанци да бидат свесни за опасноста што му се заканува на албанскиот јазик и да останат обединети против овој обид за деградирање на правно политичкиот статус на Албанците“,се наведува во соопштението од ДУИ.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на 31 декември испрати известување до собранискиот спикер Африм Гаши оти нема да го потпише указот за прогласување на Законот за заштита на децата бидејќи, според неа, изгласаните измени содржат повеќе спорни одредби.

Во образложението Сиљановска-Давкова наведува дека спровела темелна анализа и експертски консултации по што бара преиспитување на одредбите од членовите 9 и 10 од предлог-законот.

Во документот до кој дојде „360 степени“, претседателката вели дека посочените членови од законот треба да се преиспитаат низ призма на амандманот 5 од Уставот и постоечкиот закон за употреба на јазиците.

Законот е донесен на 24 декември, а информацијата дека Сиљановска-Давкова не го потпишала указот ја обелодени СДСМ. Од опозициската партија ја поздравија нејзината одлука и побараа власта да се откаже од носење на измените на Законот за заштита на децата.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека членовите 9 и 10 од Законот за заштита на децата ќе бидат коригирани и вратени во собраниска процедура, наведувајќи дека станува збор за рутина и формалност.

„Ќе бидат коригирани и ќе бидат согласно Уставот и Законот за јазиците, ќе бидат повторно вратени во парламентарна процедура и очекувам успешно усвојување на законот. Сите оние коишто влегуваат во рамки на Законот за јазиците, станува збор за сите оние припадници коишто се повеќе од 20-ина проценти, ако го читате овој закон и членовите 9 и 10 вели точно 20 проценти. Малку несмасно е сето тоа направено и тоа е една формулација којашто ќе се надмине многу скоро“,изјави Мицкоски.

Премиерот рече оти се знае дека службен јазик на целата територија на државата е македонскиот, но сите оние, во случајот Албанци, кои ќе сакаат формуларот за полагање и лиценцата да бидат издадени на албански јазик ќе го добијат тоа право, што соодветно и прецизно ќе биде формулирано во Законот за заштита на децата.

Back to top button
Close