ДУИ: Од „балансер“ до Бадентер – Владата со план за уривање на уставниот поредок
Јавните ставови на претставниците на Владата против Охридскиот договор се претворија во пракса. Да се каже дека „време е за укинување на Бадeнтеровото мнозинство“, едeн од клучните столбови на уставниот поредок на државата, не е случајност, велат од ДУИ
Северна Македонија никогаш немала влада толку настроена против Охридскиот договор, против европската иднина и европската интеграција и порамнодушна кон „диктатот на српскиот свет“, од оваа влада што денес ја води државата, обвинуваат од Демократската унија за интеграција. Според ДУИ, јавните ставови на владини претставници против Охридскиот договор станаа пракса и обвинуваат дека не е случајно што од Владата велат дека е „време за укинување на Бадeнтеровото мнозинство“.
„За жал, секојдневно сè повеќе им се дава простор на политички партии или политичари кои имаат опасни идеи – дека мултиетничките држави не функционираат, дека треба да постојат ‘етнички чисти’ држави. Ваквите идеи се крајно опасни затоа што ги влошуваат меѓуетничките односи и водат кон нивно рушење. Ние сме сведоци дека оваа влада има агенда систематски да го напаѓа Охридскиот договор, што се покажа со низа потези: укинување на Балансерот и непочитување на правичната застапеност, непочитување на албанскиот јазик и Законот за употреба на јазиците, како и барањето на ВМРО-ДПМНЕ Уставниот суд да го поништи Законот за јазици. Денес, иако постои Закон за употреба на јазиците, над 100 институции зборуваат само на еден јазик“велат од ДУИ.
Од ДУИ го повторуваат ставот дека Владата неправедно го намалува бројот на советници во општините.
„Се нарушува реалната застапеност на Албанците – спротивно на Уставот, Законот за локална самоуправа и одлуката на Уставниот суд. На почеток не ја почитуваа политичката волја на Албанците – ги избраа оние кои Албанците ги одбија. Потоа ја забранија употребата на националното знаме од државни функционери. Следен на удар беше албанскиот јазик. Потоа го нападнаа заштитниот механизам на правичната застапеност и го укинаа Балансерот. А сега читаме дека сакаат да го укинат и Бадентеровото мнозинство. Овој план се реализира затоа што најдоа неколку Албанци кои за една функција се подготвени да се откажат од сè што има вредност за мултиетничката и унитарна држава“посочуваат од ДУИ