ДУИ: Оваа влада избра стратешко партнерство со Унгарија, наместо грантови и финансиска поддршка од ЕУ

ДУИ секогаш стои пред реалноста и пред конкретните достигнувања за државата: Ја зачленивме Северна Македонија во НАТО. Ги започнавме преговорите со Европската Унија, се вели во соопштението на ДУИ, од денеска.

Партијата се пофали со неколку поенти кои, како што велат, се случиле додека биле дел од централната власт.

-Го започнавме стратешкиот дијалог со САД, ставајќи ја државата во центарот на трансатлантското партнерство. Ја предводевме ОБСЕ во најголемата безбедносна криза во Европа, на почетокот на руската агресија врз Украина, зајакнувајќи ја меѓународната улога на нашата земја. Ги донесовме во Скопје најважните светски лидери и го подигнавме профилот на државата на меѓународната сцена. За првпат ја усогласивме надворешната политика со таа на ЕУ, воведувајќи санкции кон Русија и протерувајќи руски дипломати.

Додека оваа влада на Мицкоски и ВЛЕН донесе сосема поинаква реалност: Ги блокираа преговорите со Европската Унија, наместо стратешко партнерство со САД и ЕУ, избраа стратешко партнерство со Унгарија, наместо грантови и финансиска поддршка од ЕУ, приоритет даваат на кинески кредити преку Унгарија и наместо европска интеграција, зборуваат за заеднички пазар со Србија и Унгарија, порачуваат од ДУИ.

Според нив, ова е реалноста на ВЛЕН – „Северна Македонија сè повеќе поврзана со „Српскиот свет“ и преку него со „Рускиот свет“.

-И ова не го кажуваме ние, туку тоа го констатираа 461 европратеник, кои со своето гласање го усвоија извештајот што јасно зборува за оваа опасна ориентација. Граѓаните секојдневно гледаат како „српскиот свет“ продира во секој општествен и институционален сегмент. Ова е горчливата реалност што ја донесоа Мицкоски и ВЛЕН. ДУИ ќе продолжи да стои наспроти тоа, бранејќи ја евроатлантската ориентација на државата, нагласуваат од партијата на Али Ахмети.

Back to top button
Close