ДУИ прогласи крај на преговорите за новиот Изборен законик, ќе се оди со стариот


Од ДУИ сметаат дека шансите за постигнување политички консензус за нов Изборен законик се мали и дека државата најверојатно повторно ќе оди на избори според постојниот закон.

Пратеничката Рина Ајдари денеска од Собранието изјави дека партијата останува на ставот дека на земјата ѝ е потребна една изборна единица, со отворени листи за пратеници и изборен праг од 5 проценти од вкупниот број избирачи запишани во Избирачкиот список.

ДУИ нема да прифати еднострани решенија што ја нарушуваат политичката еднаквост, правичната застапеност и довербата во изборниот процес“, изјави Ајдари.

Таа додаде дека опозициските партии не настапуваат со заедничка позиција во разговорите за изборните реформи, туку секоја политичка партија ги застапува сопствените ставови.

Во однос на гласањето на дијаспората, од ДУИ посочуваат дека ова прашање веќе било разгледувано во рамки на работната група за изборни реформи, при што како прифатливо решение било посочено електронското гласање. Според партијата, предлогот гласањето да се спроведува по пошта не бил дел од претходно усогласените решенија и претставува нов предлог кој не бил предмет на досегашните разговори.

Меѓу прашањата за кои сè уште нема согласност се и финансирањето на изборните кампањи, како и моделот за гласање на дијаспората.

Во меѓувреме, во собраниска процедура се наоѓаат околу 13.500 амандмани поднесени од СДСМ и Левица. Доколку политичките партии постигнат договор за текстот на Изборниот законик, овие амандмани би биле повлечени, со што би се деблокирала постапката за негово усвојување.

Изборниот законик е последната точка од реформската агенда што треба да биде усвоена во предвидениот рок.

Back to top button
Close