ДУИ: Да се објават сите постапки и одлуки што довеле до отпуштање на пет Албанци од Министерството за односи меѓу заедниците

Последната одлука на министерот Стоилковиќ за отпуштање на петмина вработени Албанци во Министерството за односи меѓу заедниците отвора сериозни прашања за начинот на управување со институциите и за стандардите на владеење на правото во државата. Фактите укажуваат на јасни елементи на спорен процес, и во процедурна и во материјална смисла, се вели во соопштението од ДУИ.

Според презентираните податоци:

– Дисциплинската постапка е спроведена надвор од законските рокови, што ја прави правно невалидна.

– Одлуката е донесена без доволни докази и без утврдување на индивидуална одговорност.

– Постојат сериозни индиции за накнадно конструирање на аргументи и оправдувања за веќе донесена одлука.

– Изречената мерка, престанок на работниот однос, е несразмерна во однос на наводите.

 

Овие се индикатори на еден опасен модел на одлучување.

 

Кога еден министер носи вакви одлуки:

 

– без почитување на законските рокови,

– без цврсти докази,

– и со сериозни последици за граѓаните,

 

тогаш станува збор за арбитрарност.

 

Фактот што се работи за петмина вработени албанци ја прави оваа состојба уште почувствителна и бара целосна транспарентност. Во министерство чија мисија се односите меѓу заедниците, секоја ваква постапка мора да биде над секое сомневање за пристрасност.

 

Демократската унија за интеграција бара:

 

– Целосно објавување на сите постапки и одлуки што довеле до овие отпуштања.

– Институционална истрага за почитувањето на законските процедури во овој случај.

– Итно преиспитување на одлуките, во согласност со законот и стандардите на јавната администрација.

 

Институциите не можат да функционираат врз селективни и правно неосновани одлуки. Секое отстапување од процедурите создава несигурност кај вработените и го нарушува довербата на граѓаните.

 

Овој случај треба да се третира како тест за сериозноста на институциите и за нивната посветеност кон принципите на еднаквост и законитост.

 

 

Back to top button
Close