ДУИ со стратегија ќе ги брани стекнатите права на Албанците
Во соопштението од Мала Речица нема никакви детали околу тоа како партијата „решително се справува со корупцијата“ ниту како спроведува „сеопфатни процеси на ветинг“. Единствено е наведено дека ќе ја спроведуваат стратегијата на партиско, а потоа продолжувајќи на национално ниво.
„Како дел од оваа стратегија, ДУИ воведува неколку клучни мерки за справување со корупцијата, решително отпочнување на процесот на ветинг и зајакнување на интегритетот”, објави партијата, без да ги наведе клучните мерки.
Ахмети нема да дозволи
Фокусот во објаснувањето на стратегијата е ставен на „непоколебливата посветеност на ДУИ за негување на вистинска мултиетничка демократија каде што еднаквите права и можности не се обични идеали, туку реалност за сите граѓани”. Партијата посочува дека со децении го водела процесот на застапување на вистинското место на албанската заедница во соодветна демократска рамка, но дека „неодамнешните предизвици“ станале закана да ги поткопаат тие достигнувања, со обиди да се делегитимира гласот на застапникот на албанското мнозинство.
„Се креира преседан и некој се обидува да ги фаворизира оние кои немаат легитимитет кај мнозинството Албанци. Како резултат на тоа, земјата се соочува со регресија и значајни предизвици, вклучително и напади врз идентитетот, јазикот и воспоставените права на Албанците (…) Водачот на ДУИ, Али Ахмети нема да дозволи поради нечија туѓа цел, да им се одземат стекнатите демократски права на Албанците, кои се темел на единството и стабилноста на земјата повеќе од две децении, ниту тоа да стане сериозна пречка за процесот на интеграција во ЕУ“, порачаа од ДУИ.
Притоа, партијата се самопретстави како цел на обиди за репресија.
„Нападите и обидите за репресија и дискредитација на ДУИ се силни затоа што ДУИ како единствен автентичен лидер во албанскиот блок и легитимен глас на Албанците, никогаш нема да се откаже од идејата за подобро утре со еднакви права на Албанците”, соопшти ДУИ.
Дискриминација или дезинформација
Претходно, вовед на ваквиот наратив за нарушени или одземни права, стигна од пратеникот на ДУИ, Талат Џафери, кој обвини за сериозно влошување на застапеноста на Албанците во Министерството за одбрана и во Армијата.
„Од 10 директори во новата систематизација, ниеден не е Албанец. Од 12 советници во Министерството за одбрана, само 1 е Албанец. Од 29 раководители на сектори во Министерството, ниеден не е Албанец. Од 13 раководители на сектори во Генералштабот на Армијата, ниеден не е Албанец. Од 30 команданти на баталјони, само 5 се Албанци. Албанските офицери со високи чинови и професионални квалификации се деградирани или отстранети од клучните позиции“, изјави Џафери на прес-конференција.
Министерството за одбрана категорично ги отфрли неговите тврдења.
„Пратеникот Џафери свесно шири дезинформации, иако многу добро знае дека откако имаше промена на власта во државава кон крајот на јуни 2024 година, ниту еден припадник од албанската етничка заедница не е променет, деградиран или дискриминиран согласно со новата систематизација во Министерството”, се вели во реакцијата на МО и ГШ на АРМ.
![Северна Македонија Министерство за одбрана Северна Македонија Министерство за одбрана](https://static.dw.com/image/15696527_902.jpg)
Каква е состојбата?
За илустрација, од МО посочуваат дека во моментот функцијата заменик министер во МО ја извршува припадничка на албанската етничка заедница, а други припадници од албанската етничка заедница се застапени во сите структури на Министерството и Армијата, почнувајќи од највисоките – државен советник, раководител на сектор, помошник раководител на сектор, раководител на одделение и на сите други позиции, како и во сите нивоа на Армијата – од професионални војници до генерали.
„А во однос на изнесените дезинформации за пополнетоста со воен персонал во Армијата со припадници од албанска етничка припадност, информираме дека заклучно со месец јануари 2025 година застапеноста изнесува 24,26 % односно 1,18% повеќе во однос на овој период минатата година, кога изнесуваше 23,08%. Во однос на старешинскиот кадар, во дел од единиците, припадниците на Армијата од албанска националност се околу 30%, а како пример застапеноста во Воената полиција е 29,27%. Дополнително, од вкупно 5 команданти на првопотчинетите команди и единици на ГШ на Армијата, двајца команданти (во Командата за операции и во Логистичката база), како и еден заменик на командант (во Командата за обука и доктрини) се припадници од Албанската националност”, посочија од МО и ГШ на АРМ.
Од МО велат дека во изминатиот период се посветува особено внимание на охрабрувачки мерки за поттикнување и инкорпорирање на соодветна и правична застапеност на заедниците, особено кога станува збор за интерни огласи, но и јавни огласи и конкурси.(dw)