ДУИ: Тие што го саботираа, денес се фалат – Коридорот 8 е резултат на силна политичка битка
„Демократската Унија за Интеграција го поздравува ентузијазмот со кој актуелната Влада го промовира реализирањето на стратешките проекти во земјата, како што е Коридорот 8, исклучителен проект со национални и меѓународни димензии, кој претставува стратешки интерес за Република Северна Македонија, евроатлантското сојузништво и мрежата на трансевропски коридори на НАТО“ велат од опозициската партија.
Од ДУИ нагласуваат „Сепак, не можеме а да не ја потенцираме иронијата: токму тие што некогаш го саботираа, блокираа и стигматизираа овој проект, денес се обидуваат да ги присвојат заслугите за иницијатива која стана реалност благодарение на политичката волја, институционалната посветеност и стратешката визија на ДУИ и нејзиниот лидер г. Али Ахмети. Граѓаните не забораваат дека Коридорот 8 е резултат на силна политичка битка, во која ДУИ секогаш беше на страната на развојот и интеграцијата. Оние што денес го нарекуваат „историски проект“, се истите што порано го нарекоа „проект со епски криминал“, го отфрлаа со жестина и го попречуваа со сите средства. Една од првите одлуки на оваа влада – без етнички легитимитет – беше токму укинувањето на изградбата на тунелот меѓу Гостивар и Кичево, а потоа и блокирањето на теренските работи со месеци“.