ДУИ: В сабота во Тетово ќе се одржи граѓански марш за заштита на Охридскиот рамковен договор

Демократската унија за интеграција (ДУИ) најави дека в сабота во Тетово ќе се одржи граѓански марш за заштита на Охридскиот рамковен договор, уставниот поредок и правната сигурност во државата.
„Тетово ќе биде местото каде што илјадници граѓани ќе се соберат на мирен и достоинствен протест за да го одбранат уставниот поредок, правната сигурност и вредностите што веќе 25 години обезбедуваат мир, стабилност и добри меѓуетнички односи во Република Северна Македонија“,
пишува во партиското соопштение.
Повод за протестот е одлуката на Уставниот суд за именувањето на улиците во Тетово, но од ДУИ оценуваат дека незадоволството е поширокобидејќи, како што велат, постои и загриженост поради намалување на правата и механизмите што произлегуваат од Охридскиот рамковен договор
„Подолго време постои чувство дека постепено се намалуваат правата и механизмите што произлегуваат од Охридскиот мировен договор. Секоја нова одлука ја зголемува загриженоста, а сите заедно покажуваат дека е потребна граѓанска реакција“,велат од партијата.
Од партијата потсетуваат дека Советот на Општина Тетово ја донесе одлуката за именување на улиците со потребното двојно мнозинство и дека таа била доставена до Владата, која, како што велат, не се произнела во законскиот рок.
Поради тоа велат дека одлуката продолжила да важи и била дел од правниот поредок две децении.
„Според Законот за локална самоуправа, ако Владата не постапи навреме, тоа се смета како согласност со одлуката на општината. За да нема никакви дилеми, Советот уште еднаш ја изгласа истата одлука. И тогаш Владата не реагираше. Со тоа, повторно настапи истото правно дејство предвидено со закон. Оваа одлука беше дел од правниот поредок на државата цели 20 години“,објаснуваат од партијата.
Потоа, додават дека Уставниот суд одлучил повторно да го разгледува случајот и во текот на постапката побара дополнителни информации и документи од Општина Тетово.
„Општината не одговори и не ја бранеше својата одлука. Таквиот однос има сериозни последици и некој треба да понесе одговорност“,велат од ДУИ.
Според партијата, одлуката на Уставниот суд отвора прашања за правната сигурност и за идното третирање на прашања поврзани со Охридскиот рамковен договор.
„Одлуката на Уставниот суд создава важен преседан. За првпат се преиспитува одлука што важела и произведувала правни последици две децении. Тоа отвора прашања за правната сигурност и за тоа како во иднина ќе се третираат и други прашања поврзани со Охридскиот мировен договор“,
пишува во партиското соопштение.
Од ДУИ додаваат дека граѓаните имаат право да бараат одлуките на институциите да бидат во согласност со Уставот и да го зачуваат Охридскиот мировен договор како основа за соживот и за европската иднина на државата.
„Во наредниот период Уставниот суд ќе одлучува и за Законот за употреба на јазиците. Граѓаните имаат право да бараат овие одлуки да се носат во согласност со Уставот, со Охридскиот мировен договор и со принципот на правна сигурност“,
додават оттаму.
Ги повикуваат граѓаните да се приклучат на саботниот марш, кој очекуваат да биде мирен и достоинствен повик до институциите за почитување на Уставот и зачувување на Охридскиот рамковен договор.
„Секоја држава има моменти кога граѓаните застануваат во одбрана на своите вредности. Веруваме дека оваа сабота ќе биде еден таков момент“,
се вели во партиското соопштение.
На 26 јуни во Тетово се одржа протестен марш против одлуката на Уставниот суд со која беше укинато преименувањето на дел од улиците и градскиот плоштад, која беше донесена во 2007 година од тогашниот состав на Општината.
Протестниот марш дојде на повик на опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ), чиј огранок во Тетово пред неколку дена донесе одлука за негово одржување, а на собир против одлуката на Уставниот суд повика и лидерот на партијата, Али Ахмети.
Уставниот суд на седницата одржана на 17 јуни ја укина одлуката за преименување на дел од улиците и централниот плоштад во Тетово, донесена во 2007 година кога градоначалник на општината беше Хазби Лика од ДУИ, со образложение дека тогашното раководство на локалната самоуправа не го испочитувало законскиот услов според кој согласност за таквото преименување на улици и објекти треба да даде и Владата.






