ДУИ: Вицепремиерот Иван Стоилковиќ е одликуван со орденот на војводата Вук под чија власт меѓу 1912-1918 година се вршеле масакри врз Албанците
По објавата на вицепремиерот на Владата, Иван Стоилковиќ дека го добил орденот на Војин Поповиќ, познат како Војвода Вук, а кој му бил врачен од страна на Здружението на воени доброволци и нивните потомци од војните 1912-1918 година, се огласија од ДУИ.
Од партијата велат дека одлуката на Здружението на српските доброволци да му ја додели оваа награда на Стоиљковиќ, претставува длабоко навредлив и провокативен чин, особено имајќи ја предвид мрачната историја на злосторствата извршени од српските доброволни сили врз Албанците во Северна Македонија во периодот 1912-1918 година, познат како геноциден период.
„Во тој период, особено за време на Балканските војни и Првата светска војна, цивилното население на територијата на денешна Северна Македонија, особено Албанците, се соочија со етничко чистење, масакри и масовни протерувања. Историските извори сведочат за палење на цели албански села, силувања, тортура и масовни егзекуции.
Во Тетово, Гостивар, Скопје, Кичево и многу други региони, Албанците беа цел на српските сили, кои ги третираа како пречка за проектот на асимилација и територијална експанзија. Според историските сведоштва, десетици илјади Албанци беа убиени, а илјадници други беа насилно протерани од своите домови. Во некои случаи, варварствата вклучуваа силувања и живо палење на албански цивили.
Овие злосторства не само што оставија длабоки рани кај албанскиот народ, туку и ги зајакнаа поделбите и етничките тензии кои сè уште се чувствуваат денес. Трагична иронија е што државен функционер, кој раководи со министерството одговорно за Охридскиот договор и претставува држава која треба да промовира помирување и соживот, прифаќа одликување од здружение кое е директно поврзано со толку болен период за Албанците во Северна Македонија и го објавува тоа како признание“ наведуваат од ДУИ.
Овој чин, според ДУИ, не е ништо помалку од обид за легитимирање на минатите злосторства и навреда на споменот на илјадниците албански жртви.
„Почитувањето на споменот на жртвите и прифаќањето на историските вистини се единствениот темел за помирување и заедничка иднина. Албанците во Северна Македонија нема да молчат пред обидите за легитимирање на неправдите од историјата“ порачаа од ДУИ.