ДУИ: Владата ја оддалечува државата од искрените пријатели и од европскиот пат
Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска ја обвини Владата дека со своето однесување ја оддалечува државата од искрените пријатели и од европскиот пат.
Повод за писмената реакција од ДУИ велат дека е односот кон еврокомесарката за проширување и добрососедска политика, Марта Кос, која изминатите два дена беше во посета на земјава на лидерскиот самит на ЕУ – Западен Балкан.
ДУИ истакнува дека комесарката Марта Кос е искрен и значаен пријател на нашата држава, не само поради нејзината функција клучна за евроинтеграциите и личната врска со регионот, туку пред сè поради нејзиниот „длабоко европски пристап кон почитување на различностите и заштита на етничките посебности во Европа“.
Во соопштението ДУИ се осврнува на изјавата на комесарката Кос дека идентитетот не е предмет на политички условувања, туку суштина на човековото достоинство и израз на неговата посебност. ДУИ смета дека не смеело да се дозволи оваа изјава да стане „цел на кампања на омраза и потсмевање“, особено ако таа реакција била поттикната од „извори блиски до власта“.
ДУИ упатуваат критика и до министерот за европски прашања Орхан Муртезани, при што изразуваат загриженост што министерот не сметал дека е потребно јавно да го одбрани ставот на комесарката Кос, ниту да го истакне значењето на вредностите кои се темел на институцијата што ја раководи.
„Напротив, со своите неточни и релативизирачки ставови, тој стана дел од една линија на однесување која го доведува во прашање односот со еден од најсилните гласови што ја поддржуваат нашата европска перспектива“,се вели во соопштението од ДУИ.