ДУИ влезе во учебник по албански јазик за петто одделение.Опозицијата бара оставка од министерот Шаќири
По неколкунеделните реакции во јавноста за грешките што се најдоа во новите учебници за основно образование, почнаа реакции и за новиот учебник по албански јазик за петто одделение.
Имено, во лекцијата каде што учениците учат како правилно да пишуваат датуми и скратеници на земји или организации чии имиња се состојат од два, три или повеќе збора, меѓу другите, како пример се најде и кратенката ДУИ – Демократска унија за интеграција.
Освен оваа, како примери се наведени и кратенките РСМ, САД, МОН и ООН.

„Кога имињата на земји, на различни организации итн. се состојат од два, три или повеќе збора, се користат кратенки. Овие ознаки се пишуваат и изговараат со кратенки користејќи ги првите букви од зборовите. Пример РСМ (Република Северна Македонија), САД (Соединети Американски Држави), МОН (Министерство за образование и наука), ООН (Организација на Обединетите нации), ДУИ (Демократска унија за интеграција) итн.“,се наведува во лекцијата.
Учебникот во кој се „протна“ ДУИ е издаден годинава. Негов автор е Вехби Кадриу, а издавач е МОН.

И додека јавноста реагира за овој дел од учебникот по албански јазик и можната политизација, од Министерството за образование и наука (МОН) засега нема објаснување.