ДУИ: ВМРО-ДПМНЕ е против Албанците, Коридорот 8, ЕУ и САД

Опозициската ВМРО ДПМНЕ секојдневно потврдува дека е фундаментално ориентирана против Албанците во нашата држава, против изградбата на Коридорот 8 и против интеграцијата во Европската Унија и стратешкото пријателство со САД, оценува Демократската унија за интеграција (ДУИ).

– Бруталната бесмислена и неискрена кампања на ВМРО против изградбата на најголемиот инфраструктурен проект во историјата на нашата земја е целосно лицемерие. Едно зборуваат на затворени состаноци, друго во јавност. Напорите на ВМРО да се натпреваруваат во мртвата трка со Левица во тоа кој е поголем антиалбанец, ја враќаат државата пред 2001 година, се наведува во партиското соопштение.

Од ДУИ посочуваат дека ВМРО-ДПМНЕ е против албанскиот јазик и против Охридскиот Рамковен договор, а со блокирањето на интеграцијата во ЕУ и пријателството со САД работи на „зацврстување на руското присуство во земјата и регионот“.

– Демонстрацијата на една единствена слика во маскирна униформа со празен калашников и опколен со жени и деца на испраќање на Мицкоски како и повиците на војна во Собрание од страна на Николовски, имаат за цел дестабилизација на земјата и испраќање на порака кон Албанците дека тие се второстепени граѓани во државата. ВМРО, во трка со проруската Левица, блокира закони во Собранието, ја блокира државата и демонстрира како изгледаше заробената држава како потсетник за граѓаните кои што можеби заборавиле, се додава во соопштението на ДУИ.

Back to top button
Close