ДУИ за изјавата на Сиљановска-Давкова: Со опишувањето на војната во Украина како воена операција се релативизира криминалната природа на агресијата
Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска преку соопштение реагира на говорот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за време на приемот за дипломатскиот кор, а во кој, според ДУИ, непровоцираната и насилна руска агресија врз Украина била опишана како „воена операција“.
Според ДУИ, ваквата реторика е неприфатлива и е во спротивност со ставовите на нашата држава како членка на НАТО и кандидат за членство во Европската Унија.
„Опишувањето на една крвава агресија која предизвика огромни страдања како ’воена операција’ ја релативизира криминалната природа на дејствијата и ја негира горчливата реалност со која се соочува украинскиот народ“се вели во соопштението од ДУИ.
Во соопштението од ДУИ се вели дека го потврдуваат својот цврст став во поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и најостро го осудуваат секој обид за користење на јазик кој се вклопува во пропагандата на Кремљ.
Од партијата велат дека високите претставници на државата мора да ги рефлектираат јасно и одговорно позициите на нашата земја, почитувајќи ги нашите меѓународни обврски и стратегиски сојузи.
„Ја повикуваме претседателката да размисли за нејзината одговорност да ги претставува интересите и вредностите на Република Северна Македонија со достоинство и јасност. Нашите граѓани јасно се изјаснија дека стојат на страната на мирот, демократијата и меѓународната правда“,додаваат од ДУИ.
Во говорот за време на минатонеделниот прием на дипломатскиот кор, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, зборувајќи за она што го посакува во 2025 година, рече дека членството во ЕУ било и останува врвен македонски државен интерес и приоритет, а се осврна и на тоа дека на нашиот континент уште беснее руско-украинската војна.
„Ние од почетокот на руската воена операција застанавме на страната на Украина, мислиме дека е тоа не само заради единствената европска политика, туку принципиелно“,рече Сиљановска-Давкова во говорот.