Дурловски: Ќе ги зголемиме инвестициите во образованието на пет проценти од БДП и повисоки плати за наставниците

Носителот на ИЕ 5, Игор Дурловски денеска од Битола изјави дека програмата за „Обнова на Македонија“ ќе донесе доста реформи кои ќе помогнат на младите генерации во образованието и исто така на просветните работници.

– Знаењето го открива нашиот потенцијал, го развива и ни овозможува најдоброто од нас да го споделиме со другите. Образованието е можност нашите деца да креираат подобра и посигурна иднина и да ги спротивстават сопствената индивидуалност, знаењето и вештините со своите врсници од Европа и светот, истакна Дурловски.

Дурловски додаде дека овие неколку години граѓаните се сведоци на отсуство на политики кои, како што рече, креираат развој и унапредување на образованието во Македонија, во сите негови сегменти.

– Ние мора да создадеме амбиент во кој императив ќе биде соодветната преобразба на младите. Новата образовна стратегија на ВМРО-ДПМНЕ нуди прогресивни и конзистентни образовни политики, мерки и проекти во насока на модернизација на образованието, подобрување на условите за стекнување на функционално знаење. Ќе ги зголемиме средствата за образование на пет проценти од БДП. Ќе направите реформа во средното стручно образование во функција на стопанството што ќе овозможи брзи вработувања на стручниот кадар во македонските компании. Ќе воведеме целосни стипендии за постдипломски студии и докторски студии за најдобрите студенти од државните универзитети во Македонија, појасни Дурловски.

Дурловски од Битола порача дека ќе се вработат најдобрите 200 студенти на државните универзитети во земјата. Програмата за „Обнова на Македонија“ ќе овозможи и модерна, образовна инфраструктура и дигитализација на образовниот систем. Според него, реформи ќе се донесат и правилна валорализација на труд на просветните работници која ќе подразбира и покачување на платите за 2.5 пати во однос на сегашните.

– Ние мораме соодветно да наградиме трудот на професорите, на просветните работници бидејќи тие ги градат нашите млади генерации. Бидејќи пренесувањето на знаењето е професија која креира други професии. И конечно демократизација и образовна реформа која ќе им овозможи место на македонските универзитети на престижната Шангајска листа. Обновата ќе донесе модерно и европско образование во Македонија, нагласи Дурловски.

Back to top button
Close