Дурмиши: Минималната плата ќе се зголеми во март согласно утврдената методологија

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши останува на ставот дека минималната плата ќе се зголеми во март кога ќе се изврши нејзино усогласување со утврдената методологија.

Во одговор на пратеничко прашање за зголемување на минималната плата на 600 евра, Дурмиши ја обвини опозицијата дека прави политички маркетинг.

– Нема потреба од политички маркетинг. Ние не сме против зголемување на минималната плата, но таа треба да се зголеми врз основа на економските параметри – продуктивноста, трудовата моќ… – рече Дурмиши одговарајќи ѝ на пратеничката Јована Тренчевска од СДСМ.

Рече дека никогаш не се откажале од разговори за платите и дека 20.000 работници во јавниот сектор ќе добијат зголемување на платите.

За платите на избраните и именувани лица, кои беа зголемени за 78 проценти со одлука на Уставниот суд, Дурмиши најави дека набргу Владата ќе донесе одлука за замрзнување на овие плати.

– За разлика од вас кои ги зголемивте функционерските плати, ние работиме спротивно и нема да ги зголемиме платите на функционерите. Тоа ќе се одлучи многу наскоро и ќе се замрзнат овие плати. Сакате да создадете перцепција дека економската состојба е резултат на сегашните политики, а не на погубните политки од ваше време, рече Дурмиши.

Во однос на забелешката од координаторот на СДСМ Оливер Спасовски на чие барање седницата почна еден час подоцна, Дурмиши одговори дека задоцнил бидејќи присуствувал на конференција која претходно била закажана.

Back to top button
Close