Дурмиши сака минималната плата да биде и 600 евра, а не 450 – за одлуката ќе се разговара на седница на Економско-социјалниот совет
Трендафилов рече дека на наредната седница на Економско-социјалниот совет ќе ги презентираат аргументите со кои располагаат за да ги убедат властите за потребата од растот на сите плати, вклучително и на минималната плата
Предвидени се средства за зголемување на минималната плата за околу 2 000 денари, што е согласно со законското решение според кое во март минималната плата би се зголемила за 1 600 до 1 800 денари. Но, на почетокот на декември се очекува да се одржи седница на економско-социјалниот совет на кој треба да се разговара за зголемување на минималната плата. Оваа најава денеска ја изнесе министерот за економија и труд Бесар Дурмиши велејќи дека за ова прашање треба да се разговара со сите засегнати страни.
„Во буџетот се предвидени средства за да се зголеми минималната плата, но колку ќе биде тоа ќе видиме во текот на јануари и февруари идната година. Кога ќе заврши оваа година, ќе се прават пресметките и тогаш ќе знаеме точно за колку ќе биде зголемувањето на минималната плата“,рече Дурмиши.
Според Дурмиши, има политичка волја да се зголеми минималната плата, но дека мора да се чујат сите засегнати страни.
„Јас сакам минималната плата да биде и 600 евра. Реално да кажеме, барањето е 450, јас сакам да биде 600 евра. Но, да ги видиме сите засегнати страни, да се отвори темата во првите денови на декември. Ќе ги чуеме сите засегнати страни, ќе ги видиме и можностите на Владата дали се предвидени толку средства и дали има можност. Ќе ги видиме и барањата на работодавачите оти и тие се засегнати страни од ова барање и на крај ќе донесеме заедничка одлука“,додаде Дурмиши.
Во врска со барањето на опозицијата минималната плата да биде 450 евра, Дурмиши рече дека на денот кога требало да го бранат нивното барање претседателот на партијата на опозицијата не бил присутен.
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, вели дека има позитивни чекори од страна на Владата со зголемувањето на платите на здравствените работници.
„Во образованието не сме задоволни со растот на платите. Се надеваме дека на ваков начин до крајот на годината ќе биде исправена неправдата за сите работници што не добија усогласување на нивните плати оваа година поради изборите. Дијалогот врз основа на минималната плата е отворен, аргументите се на наша страна“рече Трендафилов.
Трендафилов рече дека на наредната седница на економско-социјалниот совет ќе ги презентираат нивните аргументи со кои располагаат за да ги убедат властите за потребата од растот на сите плати, вклучително и на минималната плата.
„Според последните податоци, во Македонија 25 илјади работници примаат плата во висина на минимална плата, а 10 илјади работници примаат плата од еден денар до 22 илјади денари, но она што е поразително е што сите овие работници примаат плата во плико за што не се плаќаат придонеси од задолжително социјално осигурување и тоа ја чини државата на годишно ниво околу 250 илјади евра, односно неуплатени придонеси во Фондот“изјави Трендафилов.
Трендафилов посочи и дека минималната плата во Црна Гора од 600 е на 800 евра, во Босна и Херцеговина од 1 јануари ќе биде 600 евра, а во Србија е 454 евра и дека синдикалната минимална кошничка изнесува 62 илјади денари.
Ова, како што рече Трендафилов, покажува дека платите мора да се зголемат и оти ќе разговараат по однос на ова прашање поврзано и со мерките на Владата за ограничување на маржите.