ДУШО МОЈА
Ќе си јадеме пиперки, ќе се гушиме во корупција и ѓубре и ќе чекеме да умреме во некоја трагедија како кочанската. Ако претходно не нѐ прегази некој на пешачка патека среде парк
Излезе дека робустната дипломатија на Мицковски и креативните идеи на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не биле баш успешни во одблокирањето на преговорите со ЕУ. Ова со извештајот во Европскиот парламент, кој никого ништо не обврзува, излегува како сами да си ја баравме белјата. Јазиците не се споменуваат во извештаите за другите земји-кандидатки за ЕУ, ама кај нас, ај да не биде само македонски јазик, туку да биде „вековен, историски македонски јазик“. И кога веќе му даваш одредница на јазикот, веќе отвараш дебата за нешто што не е за дебатирање. Па од спротива добиваш „модерен, современ македонски јазик“.
Синким, не знаеме дека Бугарија ни е непријател и синким не знаеме дека ЕУ не е фер. За да ни го докаже тоа што го знаеме, Мицкоски како намерно да сака да прави нови блокади кон ЕУ.
Македонски јазик си е македонски јазик. Што туку отвараш рачки кај што не треба? Мали рачки за големи патриоти кои гордо се понижуваат за да добијат бугарски пасоши, згора на тоа и вљубени во големината на Александар Вучиќ. Тоа е таква комбинација што добив вртоглавица само што ја напишав. И на „четџипити“ да му дадеш да ја анализира многу енергија ќе потроши. И тоа, џабе.
Сето ова е во функција на претстојните локални избори. И најверојатно веднаш потоа и предвремени парламентарни избори. Сме го виделе тој перпетуален изборен циклус.
Не е тоа нешто од ВМРО-ДПМНЕ што досега не сме го виделе. Ама, фајде не сме виделе.
5И после, што правиме кога ќе победиме? Го прочитал ли некој Извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ што ќе го гласа Европскиот парламент? Настрана македонскиот јазик, сте ги виделе ли сите забелешки?
Па не мора да го читаме. Ние го живееме извештајот. Живееме во држава која доживува инвестициски бејби бум оти деца од 5 години градат 12 ката дивоградба, па им ја легализираат за да не се растури владејачката коалиција. Имаме Обвинителство што на неколку дена пред изрекување на пресуда против градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски го повлекува обвинението. Случајно, градоначалникот е лидер на ЗНАМ што е дел од владината коалиција и случајно Димитриевски најавува нова кандидатура за градоначалник. Живееме во земја-кандидатка за ЕУ во која неколку граѓани на Струга сами поправаат мост оти сите општински и државни институции се прават ненадлежни да го поправат. А жителите на пелагонското село Мусинци сами вадат пцовисана змија од резервоарот за вода за пиење оти и таму, како и насекаде низ државата, ниту една институција не е надлежна.
Идентитетот не може да ни го земат. Ќе си јадеме пиперки, ќе се гушиме во корупција и ѓубре и ќе чекаме да умреме во некоја трагедија како кочанската. Ако претходно не нѐ прегази некој на пешачка патека среде парк. Па така ќе ни ја земе и душата.
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК