Двајца млади Руси осудени на затворска казна поради поврзаност со организацијата на Навални
Двајца млади Руси се осудени во суд во Москва на 3,5 години затвор за работа за „екстремистичката“ организација на опозицискиот лидер Алексеј Навални, јавија денеска руските медиуми.
Според порталот „Медиазона“, специјализиран за известување за политичка репресија, Алена Олехнович (22) и Иван Трофимов (23) биле уапсени во јули 2023 година, а на почетокот на август биле приведени во очекување на судење.
Пресудата е донесена вчера, се наведува во известувањето објавено на веб-страницата на судот Хорочиовски во Москва.
Двајца осомничени се обвинети за „учество во екстремистичка организација“, што е кривично дело казниво со шест години затвор.
Според Медиазона, тие биле обвинети за врски со нелегални ќелии на организацијата на Алексеј Навални, кој почина во затвор во средината на февруари. Во 2021 година, организацијата на Навални беше прогласена за „екстремистичка“ во Русија и забранета.
По таа забрана, повеќето соработници на главниот опозиционер на Владимир Путин ја напуштија земјата за да избегнат гонење. Сепак, неколку активисти останаа и беа осудени на тешки казни.
Според невладината организација „Меморијал“, Алина Олехнович и Иван Трофимов, пред нивното апсење, биле студенти по уметност во институција поврзана со московската Висока економска школа, еден од најпрестижните универзитети во земјата.
Во октомври 2022 година, неколку дена по најавата за делумна воена мобилизација во Русија за борбите во Украина, тимот на Навални објави дека ги продолжува своите активности во земјата со гаранции дека ќе ја заштити анонимноста на соработниците.
Навални самиот реши да се врати во Москва во јануари 2021 година, пет месеци откако го преживеа труењето. Веднаш по враќањето беше уапсен и осуден на тешки затворски казни кои ги издржуваше во се потешки услови. Почина на 16 февруари во затвор на Арктикот