Двајца починати и седуммина мигранти со тешки повреди се хоспитализирани во штипската Клиничка болница

Еден мигрант им подлегнал на повредите во штипската Клиничка болница, додека остантите седум се на болничко лекување во шок соба и на хирургија. Портпаролот на Клиничка болница-Штип, Марина Шуманска информира дека мигрантите од вчерашната сообраќајна се донесени со тешки телесни повреди и се на возраст од 17 до 33 години.

-Лекарите им ја следат состојбата, еден од мигрантите синоќа е опериран, а сите ќе бидат и тестирани дали се позитивни на  Ковид-19, вели Шуманска.

Сообраќајната несреќа се случила синоќа во 22:30  на магистралниот пат Струмица – Штип, кај клучка Радовиш, кога патничко возило „ауди Q7“, со скопски регистарски ознаки, управувано од непознато лице, во кое се превезувале 12 мигранти од Сирија, удрило во запрено товарно возило, сопственост на МВР.

На местото на незгодата починал еден од мигрантите, а еден им подлегна  на повредите во Клиничка болница- Штип.

Останатите лица се здобиени со тешки телесни повреди, додека еден полициски службеник се здобил со телесни повреди. Оваа не е прва сообраќајна несреќа на овој регионален пат во текот на изминатите два месеца, кој стана и една од главните рути за превоз на мигрантите.

Back to top button
Close