Двајца шверцери добија кривична пријава, во „мерцедес“ превезувале мигранти од Кина

Мигрантите и возилата биле сместени во прифатно-транзитен центар за понатамошна постапка, а за настанот бил запознаен јавен обвинител

Скопјанецот А. Н. (33) и гевгеличанецот Д. Т. (31), осомничени за сторено кривично дело криумчарење на мигранти, биле приведени и однесени во просториите на Одделението за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија во Гевгелија.

Лицата се приведени откако, како што информираат од Министерството за внатрешни работи, вчера, околу 11:10 часот на регионалниот пат 1102, во правец од Смоквица кон Прдејци, полициски службеници забележале патничко возило „ауди“ со гевгелиски регистарски ознаки и патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, во кои се превезувале лица мигранти.

„Во Гевгелија било пронајдено возилото ‘ауди’ и во него биле затекнати двете лица, по што била извршена контрола во дворното место на Д. Т., каде што било пронајдено возилото ‘мерцедес’ со пет лица мигранти од Кина во него. Во дворот на Д. Т., исто така, било пронајдено и патничко возило ‘фолксваген пасат’ со регистарски таблички од друго возило“ се вели во соопштението од МВР.

Оттаму додаваат дека мигрантите и возилата биле сместени во прифатно-транзитен центар за понатамошна постапка, а за настанот бил запознаен јавен обвинител.

По целосно документирање на случајот, од МВР велат дека против лицата ќе биде поднесена соодветна пријава.

Back to top button
Close