Два милиони луѓе во Газа се соочуваат со умирање од глад
Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус денеска изјави дека „голем дел од населението во Појасот Газа умира од глад“.
– Не знам како поинаку би можеле да го наречете тоа освен дека луѓето масовно умираат од глад, и тоа е вештачки предизвикано. Тоа е многу јасно, и тоа е поради блокадата што ја воведе Израел, изјави Гебрејесус во Женева.
Тој рече дека „2,1 милион луѓе заробени во воената зона Појасот Газа се соочуваат со уште еден убиец, покрај бомбите и куршумите – умирањето од глад“.
– Сега гледаме пораст на смртните случаи поврзани со неухранетост, рече генералниот директор на СЗО.
Израел е под сè поголем меѓународен притисок поради тешката хуманитарна ситуација во Газа и кон крајот на мај делумно ја ублажи целосната блокада наметната на палестинската енклава на почетокот на март, што доведе до тежок недостиг на храна, лекови и сè друго.
Во Газа „општата стапка на акутна неухранетост надминува десет проценти, а повеќе од 20 проценти од прегледаните бремени жени и доилки страдаат од неухранетост, често тешка“, наведе шефот на СЗО.
Повикуваме на целосен пристап на хуманитарна помош и прекин на огнот, повикуваме на политичко, трајно решение (на војната во Газа), а бараме и ослободување на заложниците (на Хамас) што секогаш сме го велеле, рече Гебрејесус.
СЗО оваа година регистрира смрт на 21 дете помладо од пет години од неухранетост, но нагласува дека вистинскиот број е значително поголем.
Болница во Газа вчера соопшти дека 21 дете починало од неухранетост или глад во претходните 72 часа на опколената територија, опустошена од повеќе од 21 месец војна, предизвикана од терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.
– Од 17 јули, центрите за тешка акутна неухранетост се полни и им недостасува и терапевтска храна, рече шефот на СЗО.
Високиот комесар на ОН за човекови права рече дека израелската војска од крајот на мај убила повеќе од 1.000 луѓе во Газа додека барале хуманитарна помош, а огромното мнозинство во близина на центрите на критикуваната Хуманитарна фондација за Газа (GHF) поддржана од САД и Израел.
Израел го обвинува исламистичкото движење Хамас дека ја експлоатира страдањето на цивилите и за кражба на помошта во храна што ја препродава по претерани цени или дека пука во луѓе додека чекаат помош, а и ГХФ го обвинува Хамас за хуманитарната ситуација.