Два незаборавни перформанси на Викендот на гордоста

После вчерапното отворањето на фестивалот на гордоста со изложбата „Екстатични тела: Архива на перформативни квир тела во Македонија“ во МСУ, викендов, во петок и сабота, публиката ќе може да ги проследи перформансите на Џули Толентино и Стош Фила,  и на Дејвид Хојл.

На 3-ти јуни, во 21:00ч., во МСУ, го претставуваме перформансот .bury.me.fiercely. на Џули Толентино и Стош Фила (САД), со учество на неколку македонски уметници: Ивана Драгшиќ, Јован Јосифовски, Јован Гаковски и Александар Георгиев. Џули Толентино е култна американска уметница со филипинско и салвадорско потекло, која во своите перформанси/инсталации ги истражува меѓупросторите на расата, родот, релационалноста и архивот. Во перформанс-инсталацијата и процесниот перформанс .bury.me.fiercely. 

Толентино посега по сензуалното и говори за субјективниот вишок на секоја средба. Просторот и времето се отвораат за приказните на Другите: погрешно етикетирани, невидени, или превидени, заедно со вдахновените визионери кои успеваат да постојат како неземни квир создавачи на иднината. Виден или невиден, читлив или не, перформансот повторно отвора избледени простори во кои телата ќе можат да протнат нога, да залутаат и да се изменат – додека притоа се повраќа некое друго време преку нашите и интервенциите на изведувачот. Се заплеткуваме меѓусебно како расклопени и повторно составени површини и себства. .bury.me.fiercely. бара да останеме со загубата, отпорот и болката.

На 04 јуни, исто така во МСУ во 21:00ч., со гордост го претставуваме легендарниот Дејвид Хојл (ВБ). Перформансен уметник, роден во Манчестер, Дејвид Хојл стана познат во 1990-тите години како Дивајн Дејвид, антидраг кралица со навредлив општествен коментар насочен кон буржоаската Британија и материјалистичката хедонистичка геј-сцена, која ја нарекува „најголемиот самоубиствен култ во историјата“.

По настапите на неколку шокантни вечерни шоуа на Канал 4 и кратка појава во филмот „Велвет голдмајн“, Хојл го убива ликот Дивајн Дејвид во спектакуларен јавен настап во 2000 година. На телевизиските екрани се враќа во 2005 година, во серијата на Крис Морис „Нејтан Барли“, и повторно почнува со настапи во живо, под сопственото име. Со „Дејвид Хојл: Во живо во Скопје“, од мрачниот, осаменички живот во карантин, Дејвид Хојл ѝ се враќа на светлината за да создаде можност за зацелување, соединување во заедничка љубов и поддршка – „во заедништвото ќе најдеме сила“, вели Дејвид. Дејвид Хојл е добитник на наградите „Икона“ и „Оригиналност“ на кабаретските награди на „Кју Екс“ во 2019г.

Во прилог ви го доставуваме и каталогот со деталната програма и постерот за фестивалот. На следниов линк може да го видите и краткото промо видео за фестивалот.

Фестивалот е во организација на Коалиција МАРГИНИ и ЛГБТИ Центарот за поддршка, а се реализира во партнерство со Локомотива, МСУ, ТИИИИТ! Инк., КСП Центар-ЈАДРО и Терапија, со несебичната поддршка на Министерството за култура на РСМ, Фондацијата Heinrich Böll Stiftung, Амбасадата на САД, Фондацијата Фридрих Еберт, Амбасадата на Франција, Фондацијата отворено општество Македонија, и Сигрид. Раузинг. Изложбата Екстатични тела е делумно поддржана од Министерството за култура на Северна Македонија преку Програмата Уметност Институција Политика Тело/УПИТ на Локомотива како и од програмата на ЕУ-Креативна Европа/Life Long Burning проект.

Back to top button
Close