Два нови случаи со Ковид-19 во Струмичко и Валандовско

Двајца мажи на возраст од 37 и 40 години од Струмичко и Валандовско се заразени со Ковид-19, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје. Првиот е од селото Банско, општина Струмица, а вториот е од селото Балинци, општина Валандово, информира директорот на Центарот за јавно здравје во Струмица, Петре Витанов.

-Со едниот веќе се воспоставени контакти и е извршено епидемиолошко мапирање. Тој и неговите контакти се ставени во изолација, а со другиот новозаразен од селото Банско, кој се тестирал во болницата „Систина“, во тек е воспоставување на мерките и протоколите. Нивната здравствена состојба засега е добра, рече директорот Витанов.

Додаде дека се извршени тестирања на единаесетте мигранти од Пакистан и возачот кој ги превезуваше. Тие учестуваа во тешката сообраќајна несреќа што се случи завчера на патот Струмица-Радовиш во која загина едно лице и осуммина беа потешко и полесно повредени. Резултатите за мигрантите ќе се знаат утре, а возачот на автомобилот, Е.С.(55) од Скопје, е негативен на тестот.

Досега во Струмичкиот регион од последици од коронавирусот почина едно лице, а неколкумина беа инфицирани, но успешно се излекуваа.

Back to top button
Close