Дваесет и петгодишниот Нури пред денешното судење завршил на инфузија

Во скопскиот Кривичен суд денеска беше одложено рочиштето на кое требаше да се донесе пресуда против 25-годишниот Фатон Нури кој на 1 јули годинава со мотоцикл на пешачка патека на кејот на реката Вардар во близина на Паркот на франкофонијата во Скопје го прегази 68-годишниот Југослав Николовски.

Од Кривичен информираа дека рочиштето е одложено поради тоа што обвинетиот имал стомачен вирус и пред почетокот на судењето завршил на инфузија.

На претходното рочиште Нури призна вина за делото тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, а за делото неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода ќе се брани и ќе предлага докази. Вели дека по сообраќајката ѝ укажал помош на жртвата.

Судот тогаш ја раздвои постапката по предметот. Денеска требаше да биде постапката за првото дело, за кое обвинетиот призна вина, додека за второто дело, за кое обвинетиот ќе се брани, судењето ќе продолжи на 11 ноември. Судот дозволи да се завршат вештачењата и другите докази во однос на второто дело.

Обвинителството го товари Нури за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и за неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.

Според обвинителниот акт, обвинетиот управувал мотор „кавасаки“ по пешачка патека, иако немал возачка дозвола и возел спротивно на сообраќајните прописи. Иако брзината на моторот била 35 километри на час, таа се смета за небезбедна на локација која е наменета исклучиво за пешаци. Поради тоа, обвинетиот не успеал навреме да запре и удрил во пешакот Југослав Николовски, кој се здобил со тешки телесни повреди. Повреден бил и сопатникот на моторот.

Во обвинителниот акт се наведува дека наместо обвинетиот да укаже помош, тој го напуштил местото на несреќата оставајќи го мотоциклот зад себе. Пешакот бил пренесен на Ургентниот центар во Скопје, каде што подоцна им подлегнал на повредите

Back to top button
Close