Две години од катастрофалните пожари во Атика

На 23 јули 2018 година, навидум безопасниот пожар од брдото, со огромна брзина, поради силниот ветер го смени правецот и се спушти до куќите, а огнените јазици, за само неколку часа, проголтаа домови, автомобили и одзедоа 102 животи.

Грција денеска ја одбележува двегодишнината од катастрофалните пожари во општина Рафина, во источниот дел на областа Атика, едни од најголемите и најтрагичните пожари и вториот пожар во светот во 21 век со најголем број жртви, јави дописничката на МИА од Атина.

Над 20 лица изгореа живи и прегрнати, откако не успеаја да најдат излез за да стигнат во морето. Други, му побегнаа на пожарот, но трагично загинаа поради давење или задушување од чад, чекајќи помош во морето.

Две години подоцна, остануваат неодговорени многу прашања околу причините за трагедијата и планот за правување со пожарот, прашања што ги поставуваат, не само оние кои загубија членови од семејството, туку и јавноста.

Пожарот започна во попладневните часови, без воопшто да може да се замисли дека веќе следниот ден бројот на загинати континурано ќе се зголемува.

Спасувачките екипи во текот на ноќта трагаа по преживеани, но и ги пребројуваа и жртвите.

Првата официјална информација кусо пред три часот по полноќ, од тогашниот владин портпарол Димитрис Ѕнакопулос, кој рече дека „Атика се соочува со многу тешка ноќ“ и соопшти дека загинати се над 20, а повредени над 100 лица.

Стравувањата дека драстично ќе се зголеми бројот на жртвите, се покажа дека беа оправдани.

Во раните утрински часови, на 24 јули 2018 година, шок во Грција предизвика веста дека на плац, во обид да најдат излез до морето живи изгореле над 20 лица, а јагленосаните тела ги пронашле спасувачките екипи.

Следните денови Грција живееше целосна трагедија: родители да си ги бараат нивните деца, деца кои ги бараат нивните родители, ДНК анализи на загинатите за идентификација на јагленосаните тела, нејасности околу бројот на жртвите, десетици исчезнати лица…

Беше експресно создадена интернет платформата за исчезнатите лица, неофицијална база на податоци, со имиња и фотограии, направена од ИТ компанија за помош на граѓаните кои ги бараа нивните најблиски.

Дел од преживеаните во разговор за МИА и за грчките медиуми ги раскажаа нивните трагични судбини, еден ја загубил сопругата, друг родителите, трет неговиот син, пожарникар додека бил на должност го загубил шестмесечното бебе, а татко преку медиумите го бараше неговиот 13-годишен син, кој подоцна се најде на листата загинати.

Таткото на момчето за МИА изјави дека тоа што сигурно го знаат е дека заедно со бабата влегле во автомобил, откако забележале дека пожарот се шири и се упатиле кон морето, но никој не знае што се случило потоа.

Панајотис Дакалос, заедно со неговиот тригодишен син успеаа да се спасат, но ја загуби 35-годишната сопруга, која во првите денови по пожарот, официјално не беше идентификувана, но веројатно беше дека нејзиното изгорено тело било пронајдено веднаш до автомобилот додека се обидувала да им побегне на огнените јазици.

-Бевме заедно во автомобилот, лево и десно се ширеше пожарот, огнените јазици беа толку големи до степен што добиваш изгореници од зрачењето, без да имаш физички контакт. Го земав детето, го завиткав во пешкир и инстиктивно почнав да трчам кон плажата. Мојата жена остана зад мене и не знам што се случи. Не се свртев да погледнам. Стигнавме на плажата и влеговме во море. Останавме се додека не дојдоа да не спасат, раскажа тогаш Дакалос.

Стелиос Масхас само неколку часа по катастрофалниот пожар, заедно со спасувачките екипи ги пронашол телата на неговите родители, на 85 и 88-годишна возраст, кои загинаа прегрнати на излезот од кампот на Здружението на љубители на природата во Мати, нивната омилена летна дестинација уште од 1980.

-Ги најдовме во дворот на кампот. 15-20 метри од излезот. Се обиделе да избегаат, но не успеале. Следното утро ги најдовме заедно со спасувачите, рече тогаш Масхас за МИА, објаснувајќи дека неговата мајка имала проблеми со движењето, а неговиот татко, иако можел да се спаси, сепак, веројатно одлучил да не ја напушти неговата сопруга.

Големите пожари на кобиниот 23 јули ги мобилизираа сите грчки пожарникари, меѓу кои и еден кој го прекина годишниот одмор и додека тој се бореше со огнените јазици и спасуваше луѓе, го загуби неговото шестмесечено дете.

Само неколку дена по пожарите, мирисот на чад беше водич до населбите Мати, Неос Вуѕас и Кокино лиманаки, кои некогаш беа едни од омилените летни дестинации на Атињаните, а граѓани кои останале без кров над глава, граѓани кои се обидуваа да ги санираат штетите, граѓани кои се уште не беа свесни како преживеале со солзи во очите во разговор со дописничката на МИА од Атина раскажуваа како успеале да се спасат од огнените јазици.

-Сите сме добри, напишано рачно, со пенкало на обичен лист хартија, заедно со телефонски број, беше пораката на голем дел од влезните врати во дворовите на некои од куќите изгорени во пожарот, порака од граѓаните до спасувачките екипи.

-Го видовме пожарот и за неколку минути стигна до нашиот дом. Никој не нѐ предупреди и никој не се обиде да го евакуира местото. Стигнавме до морето. Влеговме во море, останавме таму околу два- два и пол часа, кога дојде рибарски чамец да нѐ земе. Бевме сигурно околу 100 луѓе, раскажа 65 годишниот Никитас за МИА.

Јавноста беше шокирана од пронајдените јагленосани тела на т.н. „плац на смртта“, земјениот плац, со изгорен објект, каде што 26 лица не успеаа да се спасат и поделени во групи, прегрнати, трагично загинаа.

Идентификацијата на овие тела беше и најтешката „задача“ за судските вештаци. Како што и самите соопштија, на едно тело биле пронајдени коскени остатоци кои им припаѓаат на три лица, веројатно бидејќи починале силно прегрнати меѓу себе.

Меѓу јагленосаните тела беа и оние на двете дветгодишни близначки Василики и Софиа Филипопулу, за кои постоеше надеж дека се живи и трагаше цела Грција, а кои сепак беа на листата загинати. Изгореа во прегратките на нивните баба и дедо.

Претпоставките тогаш беа дека групата граѓани всушност се семејства кои со автомобилите тргнале од Мати кон Рафина, за да им побегнат на огнените јазици. Се создала голема колона на возила и целосен хаос, а уличката е толку тесна што нема можност автомобилот да сврти или рикверц да се врати назад. Во ваква безизлезна ситуација, решиле спасот да го побараат преку плацот за да стигнат до морето. Но, како да паднале во стапицата на смртта.

-Поради големиот чад, веројатно изгубија ориентација и не можеа да најдат излез, па изгореа живи, коментираше тогаш за МИА, еден од мештаните.

Трагичните судбини и две години подоцна се трогателни и актуелни во Грција, а при секое споменување на Мати, се навраќаат сеќавањата како за само неколку часа ситуацијата излезе од контрола и одзеде 102 животи.

Две години подоцна, во фокусот на грчката јавност се дијалозите што во неделата ги објави „Катимерини“, а се однесуваат, како што пишуваше грчкиот весник, на обидите да се прикријат податоци за одговорноста.

Две години подоцна, судскиот процес е сѐ уште во тек.

Сања Ристовска

Back to top button
Close