Две години затвор за лицето што го нападна активистот Беким Асани на плоштадот Скендербег во Скопје
Основниот кривичен суд Скопје постапувајќи по обвинителен предлог на Основното јавно обвинителство Скопје, поднесен против Ф.Г. од Скопје, по одржаната главна, јавна и усна расправа, на 31 јули 2023 година го прогласи обвинетиот за виновен за сторено дело од омраза за насилството што го изврши минатата година за време на протестен собир во Скопје врз Беким Асани, активист за човекови права и претседател на Здружението за зајакнување и застапување на ЛГБТИ заедницата ЛГБТИ ЈУНАЈТЕД од Скопје.
Судот во донесената и јавно објавена пресуда на судијката Даниела Димовска го најде обвинетиот за виновен затоа што „на 31 август 2022 година околу 16:20 часот на улица „Битпазарска“ на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, обвинетиот извршил грубо насилство врз оштетениот Беким Асани, сторено од омраза поради неговата сексуална ориентација и припадност кон ЛГБТ заедницата, при што му нанел телесни повреди, со што во јавноста предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв, на начин што додека оштетениот со повеќе лица чекал да започне најавениот јавен собир на граѓани за солидарност и поддршка во врска со насилството врз единаесетгодишно девојче од Република Косово, во еден момент обвинетиот му се приближил и почнал да го навредува поради неговата сексуална определба, а потоа физички го нападнал удирајќи го со клоци и тупаници во пределот на главата и телото, нанесувајќи му телесна повреда изразена во вид на набијна повреда во пределот на главата и набијна повреда во пределот на слабинската регија“.
Со таквите дејствија обвинетиот Ф.Г. сторил кривично дело – насилство од член 386 став 5 в.в. став 3 в.в. став 1 од Кривичниот законик, па согласно цитираниот член и како и членовите 3, 4, 7, 29, 30, 31, 32, 33, 35 и 39 од Кривичниот законик, како и членовите 102, 105 и 114 од Законот за кривична постапка, судот го осудува обвинетиот, кој моментално не е достапен на органите на прогон, на казна затвор во траење од две години – се наведува во пресудата на судот.
Судот, во образложението, наоѓа за потребно да го нагласи значењето на концептот на делата на омраза акцентиран во плејада на меѓународни документи и акти, соодветно транспонирани и во домашната легислатива. Во казнените законодавства концептот на казнено дело на омраза се пробива под силно влијание, од една страна на ставовите и активностите на ОБСЕ, започнувајќи од Министерскиот совет на државите членки на ОБСЕ во Мастрихт 2003 година, кога се усвоени важни одлуки во однос на спречувањето и казнувањето на делата мотивирани со нетолеранција спрема одредени општествени групи („дела на омраза“), а на ОДИХР му е доверен мандат да ги поттикнува и координира активностите на државите членки за нивно имплементирање. За првпат концептот на делата на омраза во нашето законодавство е инкорпориран со усвојувањето на измените на Кривичниот законик од 2009 година кога е предвидено дека при одмерување на казната судот ќе има во предвид дали делото е сторено поради некоја припадност на жртвата. Со тоа сторувањето на делото поради некоја дискриминаторска основа во општите одредби на Кривичниот законик е кренато на рамништето на општа отежнувачка околност.
Кривичните дела од омраза и инцидентите од омраза ги оставаат жртвите во страв од идни напади и дополнително насилство. Ваквиот страв доаѓа од одбивањето на идентитетот на жртвата што е имплицитно кај кривичните дела од омраза. Дополнително, делото од омраза праќа порака дека жртвата не е прифатена во општеството каде што живее. Како последица, тие кои се нападнати може да чувствуваат екстремна изолација во општеството и зголемен и подолготраен страв за разлика од жртвите на други кривични дела – посочува судот.
Кога кривичните дела од омраза не се темелно истражени и гонети, се праќа порака до сторителите дека се слободни да продолжат со нивните активности, со што се охрабруваат да сторат слични дела. Неказнивоста на сторителите на кривични дела од омраза придонесува до зголемување на нивото на насилство. Во отсуство на заштита од насилство засновано на омраза, малцинските заедници (како ЛГБТИ заедницата, н.з.) губат доверба во системот за спроведување на законот и државните структури, оставајќи ги и понатаму маргинализирани. Во најлош случај, кривичните дела од омраза може да предизвикаат напади за одмазда од страна на групите на жртвите, создавајќи круг на насилство.
Определбата за посебен, построг казнено-правен третман на овие дела е вградена и во конвенциите за заштита на човековите слободи и права (од конвенциите за геноцидот, злосторствата против мирот и воените злосторства, до конвенциите за спречување на расната и друга дискриминација и ширењето на омраза и ксенофобија). На истата линија се и повеќе акти (директиви и рамковни одлуки) на Европската унија. Република Северна Македонија како потписничка на првите и како држава-кандидат за членство во ЕУ е обврзана да го инкорпорира концептот на делото на омраза во своето казнено законодавство и да обезбеди ефикасно откривање и гонење на таквите дела.
Судот го посочува случајот „Идентоба и други против Грузија“ во кој Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) забележува дека парична казна за прекршок не претставува соодветна казна за повреда на членовите 3 и 11 во врска со членот 14. Уште повеќе што постоеле сериозни наводи дека мотивот бил предрасуди против лица со различна сексуална ориентација. Постоењето на вакви индикатори бара од истрагата да открие постоење на мотиви од предрасуди, со кои се докажува извршување на кривично дело од омраза. Овие кривични дела, по правило, построго се казнуваат од обичните кривични дела. Оттаму фигурира обврската која произлегува од судската практика на ЕСЧП за истрага на каков било расистички или дискриминациски мотив. Целта е јасна, да им се обезбеди правна и институционална заштита на малцинските заедници во плуралното општеството и со тоа да се обезбеди поголема социјална кохезија и заштита на јавниот ред и мир.
Земајќи ги предвид сите околности, кривичниот суд обвинетиот го огласи виновен и го осуди на казна затвор во траење од две години, очекувајќи дека со вака изречената казна ќе се постигнат општите и посебните цели на казнувањето во смисла на член 32 од Кривичниот законик, како на планот на специјалната така и на генералната превенција, во смисол воспитно да влијае во иднина да не вршат вакви или други кривични дела.