Две компании со вкупно десетина вработени ќе шијат полициски униформи за 236 милиони денари

Две микро компании со вкупно десетина вработени ќе ни шијат униформи за цело МВР? На веб-страницата за јавни набавки се објавени два склучени договори меѓу Министерството за внатрешни работи и две микро компании кои ќе ги шијат полициските униформи за вкупно 236 милиони денари.

Дел од тендерот во вредност од 105 милиони денари го добила компанијата Памитекс. Доколку ги проверите јавно-достапните податоци ќе видите дека Памитекс всушност е во сопственост на компанијата ТЕАМ ТРАДЕРС ЦОМПАНИ Д.О.О. Белград. Актуелен директор е Божно Кочоски.

Нема точни податоци за бројот на вработени во компанијата, но од податоците во Централниот регистар се гледа дека станува збор за микро претпријатие, што значи дека истото има до 10 вработени.

Дел од тендерот во вредност од 130 милиони и 980 илјади денари добиле ЛЕ БРАНД ДИЗАЈН, кои пријавиле дека имаат тројца вработени.

Инфомакс претходно поставуваше прашања до МВР во врска со униформите на полициските службеници, конкретно униформите на приправниците кои ја поминале обуката од шест месеци и почнуваат со работа во Министерството, а од кои голем дел сами се снаоѓаат за униформи, позајмуваат од блиски или од пензионирани полициски службеници.

– Одделот за општи и заеднички работи при МВР континуирано спроведува јавни набавки на работна униформа за приправници, за што е предвидена постапка и во планот за јавни набавки за 2024 година и истата е објавена на ЕСЈН во моментов, но поради поголем број на поставени прашања (вкупно 14 заклучно со 16.01.2025 година) од економски оператори пред јавно отворање, што не било случај во претходните постапки, досега крајниот рок за достава на понуди е пролонгиран неколку пати, а со тоа и испораката на стоките.
Од претходните испораки на работна униформа за најголем број од приправниците се задолжени комплети, додека останатите ќе бидат задолжени веднаш по испорака на стоките од тековната тендерска постапка. – одговорија тогаш од МВР (infomax.mk)

Back to top button
Close