Две лица се повредени во пожарот во скопско Злокуќани – едното имало изгореници, другото вдишало чад

Две лица биле повредени во пожарот што вчера вечер зафати три куќи во населбата Злокуќани во скопската Општина Карпош, потврдија за „360 степени“ од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) на Град Скопје.

Од пожарот во населбата Злокуќани во скопската општина Карпош / Фото: Принтскрин

Според командирот на Бригадата, Звонко Томевски, пожарот бил изгаснат во раните утрински часови, а на местото е интервенирано со 10 противпожарни возила и поголем број пожарникари.

Како што вели тој, зафатени биле кровни конструкции на три куќи кои се наоѓале една до друга. Постоела опасност огнот да се прошири и на останатите објекти во близина кои, исто така, биле „лепенки“.

„Пожарот е затекнат во развиена фаза, но со брзата интервенција не е дозволено негово проширување и на другите куќи, кои, како и опожарените, се залепени една до друга“,ни изјави Томевски.

Едно лице, најверојатно од локалните жители, се здобило со изгореници и со возило на Итната помош било пренесено во болница за укажување лекарска помош.

Подоцна уште едно лице побарало лекарска помош поради вдишување чад и, исто така, со Итната помош било згрижено во една од здравствените установи во Скопје.

„Според информациите што ги имаме од здравствените установи, кај лицата се констатирани полесни повреди“,вели Томевски.

Пожарот во Злокуќани беше пријавен вчера вечер, нешто по 20 часот, на единствениот број за итни случаи 112. Според пријавата, пожарот првин избувнал во куќа на улицата „Скупи“, а потоа ги зафатил и соседните објекти во непосредна близина.

По пријавата, од страна на Министерството за внатрешни работи (МВР) преку Дежурниот-оперативен центар на Центарот за управување со кризи (ЦУК) било побарано да се исклучи електричната енергија во нисконапонската мрежа за да се овозможи интервенција на противпожарните екипи.

Back to top button
Close