ДВЕ МАДИЊА И ЕДНО ГРАТИС

Кои се шансите двајца осуденици, од иста фирма, во ист судски процес, да не одат в затвор оти и двајцата имале кила на тестиси? Сопственикот на фирмата „Дурмо турс“ Дурмиш Белули и одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари, беа осудени на по 10 години затвор поради автобуската несреќа што се случи во февруари 2019 на автопатот Скопје-Тетово во која загинаа 16 патници, а над 30 беа повредени. Тие веќе петти месец требаше да бидат в затвор, ама во Основниот суд Тетово, од Одделението за извршување на санкциите ни рекоа дека двајцата осудени имале проблем со тестисите. Белули имал херниа (кила) на едниот тестис, а Мифтари имал на двата.

Секоја почит и сочувство за болката што можеби ја чувствуваат во тој дел од телото, ама ова е такво куроболие за државата и за чувствата на семејствата на загинатите, што не се потрудиле ни различни дијагнози да си набават, а тоа им поминало кај судските власти. Од толку болести на светов, нив баш истата ги фатила и тоа баш пред да одат в затвор. Синким, заразна им е болеста. Која е веројатноста газдата и вработен во иста фирма одеднаш да добијат хернија на тестиси? Или фатиле некоја акција за распродажба на дијагнози со попуст: „Плати две мадиња, добиваш едно гратис“.

Да беа од Битола, Мадето ќе ги викаа.

Што се чудиме? Во килава држава, сѐ е килаво, па килави се и осудениците.

А ние, чекаме некаква разрешница за трагедијата во Кочани во која загинаа 62 млади луѓе и над 200 беа повредени и уште се лекуваат. Ќе има некое судење, ќе се влече со години, ќе патуваат дописи од еден до друг суд, ќе се менуваат адвокати, ќе се одлагаат рочишта, на крај може некој и ќе биде осуден…

Многу повеќе од тоа како ќе заврши судскиот процес, загрижува дека дури и трагедија од вакви размери не ги освести политичките елити. Ја следам кампањата за Локалните избори. Искрено, секогаш кога ќе ги видам оние редици автобуси, песни, аплаузи и развеани знамиња, мене ми текнува на Кочани. Не треба многу да смислуваат партиите. Наместо поезија на билборди измислена од вештачка интелигенција, поефикасно ќе беше да им текне што сѐ и претходеше на трагедијата. Сама ќе им се напишеше изборната програма. Одговорите на тие прашања се вистинските теми за локални избори. Од дозволи за градба, преку дозволи за пренамена на објекти, доградби, преку паркинг, преку обезбеден пристап за спасувачки екипи, преку инспекции за сѐ и сешто, од гласна музика, преку фискални сметки, точење алкохол на малолетници, пушење во затворен простор, па сѐ до противпожарна заштита…

По секоја поголема несреќа во светот постои нешто што се вика – научена лекција. Кај нас, политичките партии не ја научиле лекцијата. Затоа што и да сакаат да научат, не можат, оти на местата каде што треба да стават стручни луѓе со интегритет, тие ставаат послушници на кои партијата им дава моќ да станат силеџии кои на крај на денот собираат рекет. Кој помалку, кој повеќе. Некој за бесплатен влез и резервација на шанк, некој за бесплатна пијачка и ручек, некој за вработување на државно, некој за подарен часовник, некој за станче-две… И кој ги контролира? Надлежните институции. А во надлежните институции сестрата, зетот, мажот, братот, снаата… Од штаб ги знаеме.

Тоа во држави кои ги научиле лекциите се вика – убиство предизвикано од корупција. Кај нас трагедијата предизвикана од корупција во низа, што зацрни цел еден град, се вика „немил настан“ кога во три часот ноќта го разбудиле премиерот и тоа бил еден од неговите најтешки денови во животот.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК

Back to top button
Close