Две музики
На истата линија за правење дополнителни поделби е и референдумот што го турка ВМРО-ДПМНЕ. Какво е тоа нејасно прашање: Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Р Македонија и Р Бугарија објавен во Службен весник бр 12/2018 од 18.01.2018?
На ова прашање мислат да мобилизираат 900.000 гласачи? Луѓето излегоа на улица на протести против францускиот предлог за тргање на бугарското вето, против негирањето на македонскиот јазик, против понижувањето што ни го направи ЕУ прифаќајќи ги националистичките барања на Бугарија како свои вредности, против мешањето на Бугарија во пишувањето на нашите учебници, против вметнувањето на историски прашања како услов за влез во ЕУ…
Бидете барем еднаш храбри и поставете го вистинското прашање: Дали сте за членство во ЕУ под услови што ги поставува Бугарија? Не туку се кријте зад нејасни флоскули „напуштање на важноста“, „закон за ратификација“, па уште и „службен весник број бла, бла, бла“… Колку да се прави дома драма, да има Мицкоски што да кажува пред новинарите кога ќе се појави, собравме волку потписи, собравме толку потписи, па ни вршат притисок на членството…. Ама ако може да не успее референдумот, за да не му се налутат странците. Исто како што до последен ден немаше храброст да каже дали ќе го бојкотира референдумот за промена на името со Преспанскиот договор, а после се фалеше дека го бојкотирал.
Зошто Мицкоски ги замајува луѓето, кога нема ни потреба од референдум за поништување на Договорот со Бугарија? Во член 13 од Договорот е напишано: „Секоја договорна страна може да го раскине Договорот со испраќање на писмено известување до другата договорна страна. Договорот ќе престане да биде во сила една година по датумот на приемот на ваквото известување“.
Така што, не туку трошете пари за референдум, не туку го карајте народот, не туку ни го губите времето. Доволно е само ВМРО-ДПМНЕ да победи на следните избори. Нема да им треба ни двотретинско мнозинство, ни гласање по Бадинтер. Нека најдат 61 пратеник во Собранието, нека дигнат рака за поништување на Договорот, Мицкоски ќе пише писмо и ќе го испрати во Софија и – завршена приказна.
Ова што го прави Мицкоски со референдумот е во рамки на неговата стручност што ја покажува постојано откако стана лидер на ВМРО-ДПМНЕ – да ја мати водата за да не биде бистра. Среде тешка зима, енергетска криза и војна во Европа ние ќе трошиме пари за референдум затоа што не може да дочека избори на кои што евентуалнио може и да победи.
Целаѕа колумна на Gоран Mихајловски на сдк мк