Две поголеми странски компании кои со години работат во ТИРЗ зоната во Скопје се подготвуваат да ја напуштат земјата

Две големи странски компании кои неколку години активно работат во ТИРЗ зоната „Бунарџик“ во Скопје се подготвуваат да го напуштат македонскиот пазар, објави ТВ Телма. Една од нив е американската компанија „Аптив“, од каде потврдиле дека се очекува да ја затворат својата фабрика најдоцна до крајот на следната година.

Според неофицијални информации, „Аптив“ од август досега, го намалила бројот на вработени за околу триесет отсто.

„За таа цел Аптив ќе го консолидира производството на своите компоненти за напредна безбедност и корисничко искуство во Европа што ќе резултира со затворање на нашата локација во Скопје. Имаме сеопфатен план за поддршка на нашите вработени во Скопје во текот на оваа транзиција усогласена со локалните закони и прописи за труд. Се очекува имплементацијата да биде завршена до четвртиот квартал 2026 година“,одговориле од АПТИВ.

Од Технолошко-индустриските развојни зони потврдиле оти добиле информации од менаџментот на „Аптив“ дека се водат преговори со други мултинационални компании за еневтуално преземање или продажба на нивниот бизнис во земјава. Втората компанија која ќе замине е американската „Дура“, а одлуката веќе била соопштена на менаџментот на ТИРЗ од каде најавија оти ќе бараат делумно враќање на државната помош поради неисполнување на договорените обврски.

„Според официјалното известување што го добивме од ‘Дура’, компанијата го запира производството поради откажување на нарачките од главниот купувач. Нашата институција презема активности согласно позитивните законски прописи“,велат од ТИРЗ.

Од ТИРЗ велат дека засега нема знаци дека од пазарот би се повлекле и други странски компании, но и велат дека се во напредни преговори со осум нови потенцијални инвеститори. Податоците на Народната банка, пак, покажуваат дека во првата половина од оваа година е забележано значително намалување на приливот на странски инвестиции. Лани, заклучно со јуни, тие изнесувале над 560 милиони евра, додека годинава се сведени на нешто над 200 милиони евра.

Back to top button
Close