Две жени добиле рак од користење бебешка пудра, сега позната компанија мора да им плати 40 милиони долари отштета

На компанијата „Џонсон и Џонсон“ ѝ е наредено да плати вкупно 40 милиони долари отштета на две жени кои тврдат дека бебешката пудра со талк придонела за развој на рак на јајници.
Поротата на Вишиот суд во Лос Анџелес ѝ додели 18 милиони долари на Моника Кент и 22 милиони долари на Дебора Шулц и нејзиниот сопруг, заклучувајќи дека компанијата со години знаела за потенцијалните опасности од производите со талк, но не ги предупредила потрошувачите, пишува „Гардијан“.
Потпретседателот на фирмата за судски постапки, Ерик Хас, изјави дека „Џонсон и Џонсон“ планира веднаш да поднесе жалба на пресудата, велејќи дека компанијата очекува таа да биде поништена.
Портпаролот на обвинителите не одговори на барањето за коментар.
Според судските записи, на Кент и бил дијагностициран рак на јајници во 2014 година, додека на Шулц и бил дијагностициран рак во 2018 година.
И двете сведочеа дека користеле бебешка пудра „J&J“ повеќе од 40 години, а нивниот третман вклучувал големи операции и повеќекратни циклуси хемотерапија.
Адвокатот на тужителите, Енди Бурчфилд, во својот завршен збор рече дека компанијата знаела уште во 1960-тите дека производите на база на талк можат да предизвикаат рак, но, според него, ја криела таа информација.
Адвокатот на компанијата, Алисон Браун, рече дека нема научни докази што ја поддржуваат врската помеѓу талкот и ракот на јајниците и дека тврдењата не се поткрепени со валидни студии.
„Џонсон и Џонсон“ се соочуваат со повеќе од 67.000 тужби поврзани со нивните производи од талк, според судските поднесоци.
Компанијата тврди дека нејзините производи се безбедни, без азбест, а престана да продава бебешка пудра на база на талк во САД во 2020 година.
Извор: .






