Двете Кореи ги демонтираат пропагандните звучници на границата
Северна Кореја престана да емитува пропагандни пораки преку звучници по должината на границата со Јужна Кореја, соопшти Здружениот штаб на јужнокорејските вооружени сили (JCS).
Според JCS, на северот беше мирно во четврток, а јужнокорејската војска продолжува да ја следи ситуацијата и активностите на Пјонгјанг. Овој потег доаѓа само еден ден откако новата јужнокорејска влада одлучи да ги запре сопствените 24-часовни пропагандни и K-pop емисии по должината на границата.
Претседателот на Јужна Кореја, Ли Џе-мјунг, кој ја презеде функцијата овој месец со ветување за продолжување на дијалогот со Северот, нареди прекин на емитувањата за да се намалат тензиите, да се избегне понатамошна воена конфронтација и да се изгради меѓусебна доверба, изјави неговиот портпарол.
Пропаганда преку звучници
Северна Кореја во последно време не направила никакви нови провокации, а жителите на пограничните области се жалат на бучава од двете страни со години.
Минатата година, Јужна Кореја ја продолжи својата пропагандна кампања како одговор на севернокорејските балони со ѓубре што летаа над границата. Пјонгјанг во тоа време тврдеше дека тоа е одмазда за постапките на севернокорејските бегалци и активисти кои испраќале антирежимски летоци од Јужна Кореја, честопати прикачени на балони.
За потсетување, двете Кореи технички сè уште се во војна бидејќи борбите во Корејската војна од 1950 до 1953 година никогаш не завршија со мировен договор, туку само со примирје