Двоцифрен пораст на странските туристи, најбројни се посетителите од Турција

Државата бележи двоцифрен годишен пораст во бројот на странски туристи, покажуваат најновите податоци презентирани од Министерството за култура и туризам. Оттаму наведуваат дека бројот на странски туристи во првата половина од оваа година, споредено со истиот период лани, пораснал за 21,6 проценти. Ако се задржи ваквиот тренд, додаваат од Министерството, се очекува бројот да достигне околу 1,5 милиони странски туристи до крајот на годинава, според пресметки на локалните туристички работници.

Од Министерството потенцираат дека ова би можело да донесе приходи до 500 милиони евра и нагласуваат оти е важно државата и бизнисите да инвестираат во инфраструктурата, зајакнување на туристичките капацитети, развој на одржлив туризам и рамномерен регионален развој за да го одржат темпото и да извлечат максимум корист.

„Во услови на зголемен развој на туризмот, зголемен број на институции и организации кои работат во делот на туризмот, како и зголемен туристички промет, а посебно имајќи ги предвид меѓународните трендови за развој на одржлив туризам како и заложбите од страна на Владата на Република Македонија за развој на туризмот, се наметнува потреба од реформски мерки во насока на градење ефективен систем на туризмот и создавање поврзана функционална целина која има за задача да одговори на потребите на туристичката дејност и туризмот. За таа цел, Министерството за култура и туризам презема низа реформски и организациони мерки, за што во моментов се одвива процес на преземање на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и екипирање на секторот во рамки на министерството со што Министерството за култура и туризмот станува адреса за обраќање за туристичкото стопанство“се наведува во соопштението на Министерството за култура и туризам.

Оттаму појаснуваат дека последните официјални податоци за туризмот покажуваат значителен пораст на странски туристи, и тоа во месеците кои традиционално не се сметаат за туристички пик.

Туристите од Турција и понатаму се најбројни, со учество до 42 проценти меѓу странските гости и постојан раст. Србија покажува исто така забележителен подем, односно раст од 20-30 проценти, особено во Скопје и Охрид. Раст бележат и Германија, Грција, Хрватска и Романија, кои остануваат меѓу првите десет пазари. Пазарите како Бугарија, Албанија и Словенија се стабилни, додека кај држави како Косово, САД, Италија и Холандија не се забележани значајни промени.

Back to top button
Close