ДЗР: Одржувањето на магистралните и регионалните патишта во опасност поради финансиските проблеми на ЈП
Поради сериозните финансиски предизвици на Јавното претпријатие, според ревизорскиот извештај, одржувањето на магистралните и регионалните патишта е во опасност.
Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, се наведува во извештајот, 12 години континуирано работи со блокирана сметка и основната дејност ја извршува во рамки на месечните лимити, кое има клучно влијание на квалитетот и континуитетот на извршување на дејноста.
„Согласно податоците од носителот на платниот промет, на крајот на 2022 година сметката на ЈП е блокирана за обврски во вкупен износ од 663 милиони денари“ се вели во извештајот од ДЗР.
Јавното претпријатие низ годините, се додава во извештајот, има тренд на зголемување на обврските кон добавувачи во земјата како резултат на зголемена активност во делот на одржување и заштита на државни патишта, односно поради изградба на нови делници, зголемени трошоци за набавка на нафта и нафтени деривати, како и растот на цените на стоките и услугите.
Обврските кон добавувачите во 2018 година се во вкупен износ од околу 480 милиони денари, додека во 2022 година бележат зголемување и изнесуваат 966 милиони денари.
Ваквиот начин на функционирање на ЈП, кое не било во можност редовно да ги плаќа доспеаните обврски, како што се наведува во извештајот, влијаело врз зголемување на обврските по извршни решенија и зголемување на обврските по основ на камати. Тоа, пак, неповолно влијаело на финансиската стабилност и ликвидност на претпријатието и во исто време влијаело на тековното работење на добавувачите и вредноста на стоките, работите и услугите кои се добиваат во постапките за јавни набавки.
„Со извршената ревизија утврдивме дека обврските по извршни решенија со кои е блокирана сметката на претпријатието со состојба на 31.12.2022 година изнесуваат приближно 663 милиони денари, што претставува за приближно 196 милиони денари поголем износ на обврски во однос на евидентираните во сметководствената евиденција на ЈП (околу 467 милиони денари)“,
се додава во извештајот на ДЗР.
Оттаму додаваат дека на ревизијата не ѝ е дадено соодветно образложение и доказ за утврдената разлика, што, како што велат, има за ефект да не се потврди вистинитоста и објективноста на евидентираниот износ на обврски по извршни решенија во Билансот на состојба на 31 декември 2022 година.
Исто така, како што стои во извештајот, е констатирано дека одговорното лице во претпријатието не ги осигурило градежни објекти и средствата со кои располага, во вредност од приближно 2 милијарди денари, односно 32,4 милиони евра, а кои се изложени на ризици.
Претпријатието од јуни до декември 2021 набавило 15 специјализирани возила за чистење снег, во вредност од 177 милиони денари, од кои едно возило, дваесет дена по приемот и по само 150 изминати километри, било опожарено без да биде каско осигурено, а, пак, фабричката гаранција не била искористена. Тужбата за надомест на штета била поднесена две години по пожарот односно на ден 27.12.2023 година.
Ревизорите констатирале ризици и во однос на начинот на користење на нафтените деривати.
„Полнењето на возила со гориво се врши со пумпи, чии мерила подолг временски период не се верификувани/ баждарени. Со исклучок во две подземни цистерни, приемот на гориво се врши во т.н. надземни пластични и метални контејнери. При користење на горивото вработените го преточуваат во туби и канти. Од извршениот теренски увид ревизијата констатира дека овој начин на прием, складирање, ракување и издавање на горивото ја загрозува безбедноста и здравјето на граѓаните и неповолно влијае на животната средина и во исто време постојат ризици во однос на начинот на користење на нафтените деривати“,
се вели во ревизорскиот извештај.
Според извештајот на ДЗР, од теренскиот увид во секциите во Струга и Охрид било утврдено дека не се обезбедени соодветни услови за чување на залихата на сол за зимското одржување на патиштата. Поради лошиот начин на чување солта била подложна на надворешни влијанија со што ги изгубила своите физички својства, квалитетот, што довело до отежнато користење.
Условите во кои се чувале горивото и солта за зимско одржување, се додава во извештајот, не биле во согласност со процедурата за евиденција на материјали, со која е предвидено „примениот материјал да биде уредно складиран на соодветно безбедно место, заштитен од надворешни влијанија доколку е од специфичен вид, како и од евентуална злоупотреба‘‘.
Дополнително, овие состојби не се во согласност со обврската на ЈП вршењето на својата дејност да го организира на начин со кој се обезбедува заштита и унапредување на добрата од општ интерес.
„Со извршениот увид во документацијата и теренската посета на подружниците, секциите и зимските пунктови, утврдено е дека во ЈП не е издвоена расходуваната опрема, од која 90 проценти се возила и градежни машини користени за резервни делови без согласност од Владата. Опремата е уништена како отпад без да се спроведе соодветна законска постапка, а нејзината употреба не е уредена со интерен акт, што создава ризик од неконтролирана и несоодветна употреба“,
се додава во ревизорскиот извештај.
Со ревизијата, ДЗР утврдила дека трошоците по основ на надомест на штети, камати и судски трошоци дополнително влијаат на влошување на финансиската состојба на ЈП.
Ревизијата, меѓу другото, констатирала дека во 2022 година, па сè до денот на ревизијата, Асфалтната база во Штип не работела, а производството на асфалт за оваа база го вршела Асфалтната база во Лепенец.
„Причината за оваа состојба е резултат на извршен инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за животна средина, по што издадено е Решение за забрана за работата и укинување на А – интегрирана еколошка дозвола, а поради прекршување на законот за заштита на амбиенталниот воздух. Од извршениот теренски увид и разговори со надлежните лица ревизијата доби информација дека се започнати активности за обезбедување на услови за добивање на интегрирана еколошка дозвола. Надминувањето на оваа состојба е значајно не само за заштита на животната средина, туку и за обезбедување на континуитетот во работата на Асфалтна база во Штип, како и намалување на транспортните трошоци на претпријатието“,
се појаснува во извештајот.
Во извештајот на ревизорите се додава дека биле констатирани и други состојби, неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 година и неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.
Со цел преземање мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на ситуацијата, ревизорите дале препораки за надминување на констатираните состојби.