ДЗР: Општина Струга да ги спроведе барања во Планот за управување со Охридскиот регион

Спроведување на барањата утврдени во Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, постапување по однос на отстранување на бесправно изградени објекти, како и кадровско зајакнување на Секторот за инспекциски надзор со градежни инспектори, се клучните препораки од ревизијата на Државниот завод за усогласеноста на спроведување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти во Општина Струга објавени во денеска објавениот извештај.

Во заклучокот ДЗР ги наведува причините  кои, како што објави, имале влијание на процесот на утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти да не се одвива според потребната/очекуваната динамика што влијае на одолговлекување на процесот и не постигнување на целите на Законот.

-Законски дадената можност за доставување на некомплетни барања за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, кои најчесто се без геодетски елаборат и имотен лист за земјиштето на кое е изграден бесправниот објект, честите измени на законот, непочитување на утврдените рокови во Законот за преземање одредени дејства, кадровската не екипираност на градежната инспекција, непостапување по донесените заклучоци од градежните инспектори, сложеноста на процесот на донесување на планско урбанистичка документација, носење на одлуки за времен прекин на донесување и спроведување на урбанистичко планска документација и постапки и слабостите во делот на наплатата на надоместоците за регулирање на правниот статус на бесправно изградените објекти имаат влијание на процесот на утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти во Општина Струга да не се одвива според потребната/очекуваната динамика што влијае на одолговлекување на процесот и не постигнување на целите на Законот, стои во заклучокот.

Со извршената ревизија на усогласеност за начинот и постапките за утврдување на правен статусот на бесправно изградените објекти кои се реализирани во периодот од 2011 до 2020 година во Општина Струга, наведува ДЗР, констатирани се одредени состојби, од кои како позначајни истакнува дека не е предвидена обврска за изработка и донесување стратешки документи во врска со постапување со бесправно изградените објекти.

Во регистарот на поднесени барања за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, наведува ДЗР, не се предвидени податоци кои се однесуваат на локација и квадратни метри на објектите кои се предмет на легализација, податоци за статусот на барањата, причина доколку постапката е прекината или одбиена, потребни мерки што треба да се преземат, како и немање податоци за вкупниот број на барања и објекти за кои е започната постапка. Воедно ДЗР дополнува дека не се пропишани критериуми за начинот на распределба на предметите на лицата овластени за водење на постапките, како и дека при спроведувањето на постапките за легалзиација на дивоградби не се почитуваат законски предвидените рокови за донесување заклучок за прекин на постапката, урбанистичка согласност за утврдување правен статус на бесправен објект и решение за утврдување правен статус на бесправен објект.

Меѓу останатото е наведено дека во Општина Струга во периодот опфатен со ревизијата нема спроведено отстранување на бесправно изграден објект согласно Законот за градење и
Законот за инспекциски надзор, како и дека не е воспоставена интерна процедура за процесот на решавање на предмети согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти.

Back to top button
Close