ДЗР утврди низа неправилности во МЕПСО, дури 65% од вработените не ги исполнувале условите за вработување

Утврдени се неправилности во управувањето со имотот, инвестициите и човечките ресурси во АД МЕПСО- Скопје!

АД МЕПСО Скопје остварува раст на приходите, но се соочува со сериозни слабости во управувањето со имотот, инвестициите и јавните средства, што директно влијае врз ефикасноста и развојот на електропреносниот систем, се вели во најновиот ревизорски извештај на ДЗР.

,,Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Операторот на електропреносниот систем на Република Северна Македонија, Акционерско друштво за пренос на електрична енергија и управување со електроенергетскиот систем, во државна сопственост Скопје, (АД МЕПСО Скопје) за 2024 година.

Ревизорите утврдија дека, иако надлежните служби во континуитет преземаат активности за усогласување на работењето на друштвото со позитивните законски акти, утврдени се слабости во евиденцијата и регулирањето на сопственоста на електропреносната инфраструктура, вклучително и земјиштето. Дел од имотот нема уреден правен статус, a има и имот за кој нема точна сметководствена евиденција.

 

Преносната мрежа на АД МЕПСО Скопје интегрира 112 далекуводи, при што за 53 далекуводи запишано е правото на сопственост во Агенцијата за катастар на недвижности, додека за 59

далекуводи друштвото не располага со имотни листови . За овој имот отпочнати се постапки за утврдување на правниот статус, но истите се сложени и долготрајни поради големиот број локации и нерешените имотно-правни односи, а во одредени случаи не може да се утврди основот за стекнување на правото на сопственост.

 

– Advertisements –

 

Сѐ уште, постојат нерешени имотно-правни прашања во врска со 33 трафостаници кои се во заедничка сопственост на АД МЕПСО Скопје и ЕВН Македонија АД , при што за истите запишано е право на сосопственост само на ЕВН Македонија АД или се во постапка на запишување на права на сопственост/постапка на преземање.

 

Друштвото во повеќе наврати иницирало постапки за решавање на сопственоста на трафостаниците.

 

Во 2025 година формирана е заедничка работна група, која договорила процесот да се реализира во два фази, преку меѓусебен пренос на право на сосопственост (соодветен идеален дел) на трафостаниците запишани на име на секое од друштвата, додека за неизложените трафостаници утврдување на фактичката состојба и конечно уредување на сопственичките права продолжува.

 

Дополнително утврдено е дека со расположливите податоци во воспоставената сметководствена евиденција на далекуводите и трафостаниците (евидентирани се по делови, на различни сметки за градежни објекти, постројки и опрема и со неусогласени називи) не е можно да се потврди нивниот број и вредност. Оваа состојба влијае на висината на тарифата за пренос на електрична енергија, која се утврдува со одлука од страна на РКЕ, а врз основа на сметководствените податоци и финансиски евиденции доставени од страна на АД МЕПСО Скопје.

 

Материјалните средства во подготовка не се правилно признати и евидентирани, при што дел од нив се однесуваат на завршени проекти кои не се ставени во употреба (74.176 илјади денари или 1.202.200 евра), а за дел не може да се потврди нивната состојба, потреба и оправданост поради недостиг на документација (19.100 илјади денари). Поради ненавремено признавање на овие средства не бил пресметан и признат трошок за амортизација во претходниот и тековниот период, што влијание и на остварениот финансиски резултат од работењето.

 

Исто така, на остварениот резултат од работењето за 2024 година влијае и не искажаниот трошок по основ на расходувани средства со сегашна вредност од 16.386 илјади денари утврдени по попис, како и непресметаната амортизација на дел од ново набавените материјални средства и инвестициите со кои се зголемува корисниот век на употреба, капацитетот и функционалноста на средствата во вкупен износ од 16.419 илјади денари.

 

Ревизорите во извештајот обелоденуваат дека во изминатите тринаесет години АД МЕПСО реализира значајни инвестициски активности за изградба, реконструкција, ревитализација и модернизација на електропреносната мрежа, при што е утврдено дека степенот на нивна реализација се движи од 9% до 62%.

 

Кај дел од проектите постои зголемување на вредноста на склучените договори, пролонгирање на рокот за нивната реализација, а два договори кои делумно биле реализирани се раскинати. Kај три проекти има зголемување на вредноста на првично склучените договори, при што најголемото зголемување од 51% (1.481.657 евра) е кај проектот “Ревитализација на 110kV ДВ ТС Скопје 4-ТС Велес” чиј износ по зголемувањето изнесува вкупно 4.393.609 евра, додека најголемото пролонгирањето од пет години и осум месеци е кај проектот “Реконструкција на 110kV Далекувод ТС Битола 1-ТС Прилеп”. Истовремено за проектот “Изградба на ДВ 110 kV ТС Валандово – ТС Милетково”, иако во јуни 2024 година одобрен е заем од ЕБРД во износ од 26.400.000 евра, сè уште не се започнати активности за

изградба, поради што за одобрување на заемот и провизија за неповлечени средства платени се 155.672 евра (22.205 евра во 2024 година).

 

Овие состојби негативно влијаат врз модернизацијата и сигурноста на преносната мрежа и упатуваат на потреба од поефикасно управување со инвестициските проекти.

 

АД МЕПСО Скопје користи повеќе кредитни линии од меѓународни финансиски институции за финансирање на инвестиции, при што значителен дел од одобрените средства не е повлечен, што резултира со дополнителни трошоци за провизии и камати. Вкупниот износ на одобрени тековни заеми изнесува 102.400.000 евра, од кои 52% или 53.434.992 евра не се повлечени, за што во 2024 година платена е провизија во износ од 245.629 евра (2.633.953 евра за периодот откако се одобрени заемите, се до крајот на 2025 година) .

Заклучно со 2024 година, за земените заеми, платени се провизии за одобрување и неповлечени средства, како и камати во вкупен износ од 8.996.052 евра, што претставува 8,8% од вкупниот износ на одобрени заеми. Ненавременото користење на заемите го зголемува финансискиот товар и ја забавува реализацијата на стратешките проекти за електропреносниот систем

Back to top button
Close