ДЗР: Застарени сместувачки капацитети, задолженост и континуирани загуби го обележуваат работењето на ЕЛЕМ ТУРС ДООЕЛ Скопје

Ревизорите утврдиле недоследности во работењето на ЕЛЕМ ТУРС ДООЕЛ Скопје и констатирале дека се соочува со акумулирани загуби од приближно 1,2 милијарди денари и обврски над 268 милиони денари. Застарените сместувачки капацитети, нерационалното трошење на средства и несоодветното управување го доведуваат друштвото до сериозни предизвици во работењето, констатира Државниот завод за ревизија по извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Друштвото за туризам, угостителство, рекреација и спорт ЕЛЕМ ТУРС ДООЕЛ Скопје, за 2023 година.

ДЗР информира дека ЕЛЕМ ТУРС ДООЕЛ Скопје се соочува со неповолна финансиска состојба уште од своето основање во 2012 година, при што во континуитет остварува загуби од работењето која акумулирана до 2023 година изнесува 1.196.650 илјади денари, односно 19.395 илјади евра и претставува 92 проценти од основната главнина.

– И покрај тоа што во 2023 година е искажана најмала загуба во последните шест години, што се должи на статусните промени во друштвото и неговата намалена активност, сепак друштвото во континуитет искажува негативен финансиски резултат од работењето, не е ликвидно и е во лоша финансиска состојба. За да продолжи со вршење на својата дејност и подмирување на обврските, друштвото во континуитет склучува трипартитни договори со основачот за преземање на долг. Во периодот од 2018 до 2023 година (со исклучок на 2020 година) преку договори склучени со АД ЕСМ Скопје (преземач на долгот), ЕЛЕМ ТУРС ДООЕЛ Скопје (должник) и конкретните доверители, преземени се долгови, од кои во 2023 година преземен е највисок износ на долг од страна на основачот во износ од 180.902 илјади денари. Обврските за враќање на долгот кон основачот постојано растат и во 2023 година изнесуваат 268.382 илјади денари. Во август 2022 година, ЕЛЕМ ТУРС ДООЕЛ Скопје склучил договор со друштво за менаџмент од Скопје, основано непосредно пред потпишувањето на договорот, за набавка на аутсорсинг услуги во вкупен износ од 20.000 илјади денари, односно 324.000 евра. Времетраењето на договорот е до крајот на 2022 година, а имал ретроактивна важност од два месеци. Со извршената ревизија утврдено е дека реализацијата на договорот продолжила во 2023 година и исплатени се вкупно 34.052 илјади денари, што претставува 70 проценти надминување од вредноста на договорот, информира Државниот завод за ревизија.Извршената анализата на бројот на ангажирани извршители по договор за аутсорсинг, нивните работни активности и бројот на редовно вработени лица во Подружница Попова Шапка, споредено со нискиот износ на приходи остварен од сместувачките капацитети во периодот мај – септември 2023 година, како што посочува ДЗР, не овозможи уверување за потребата и оправданоста од ангажманот на надворешни извршители во тој период, што влијае на рационалното трошење на јавните средства.

-Со извршената ревизија е утврдено дека, ЕЛЕМ ТУРС ДООЕЛ Скопје располага со градежни објекти и опрема во износ од 284.377 илјади денари, кои заради вршење на дејноста се изложени на ризици и за истите одговорното лице нема спроведено постапка за осигурување на имотот и средствата на друштвото од кражби, пожар и други елементарни непогоди, што може да предизвика штета врз имотот и средствата на друштвото во случај на настанување на ризиците. Од 2018 година ЕЛЕМ ТУРС ДООЕЛ Скопје започнал со реализација на проект „Ладен оброк‘‘, со кој вработените во АД ЕСМ Подружница РЕК Битола се снабдуваат со оброк. По тој основ друштвото само во првите два месеци од 2023 година, остварило приход од АД ЕСМ Скопје во износ од 11.217 илјади денари (36% од вкупно остварените приходи на друштвото). За реализација на овој проект континуирано се набавувани стоки без претходно спроведена постапка за доделување на договор за јавна набавка, што не е во согласност со одредбите од ЗЈН и може да влијае на економичното, ефикасно и ефективно користење на јавните средства, посочува ДЗР.

Од извршениот теренски увид на постојните сместувачки капацитети на Хотел „Молика‘‘ – Битола, Хотел „Попова Шапка‘‘ – Тетово, Хотел „Славија‘‘ – Тетово, Одморалиште „Свети Стефан‘‘ – Охрид, Одморалиште „Маврово‘‘ – Маврови Анови и Автокамп „Ливадиште‘‘ – Струга, со исклучок на хотел „Молика‘‘ – Битола, констатирано е дека капацитетите се застарени и во најголем дел не ги обезбедуваат минимално технички услови за сместување.

– Сместувачкиот капацитет во Одморалиште „Свети Стефан‘‘ – Охрид не може да се користи поради исклучена електрична енергија, додека во тек е реновирање на сместувачките и угостителските капацитети во Авто камп „Ливадиште‘‘ – Струга. За поголема искористеност на постојните капацитети потребна е сеопфатна анализа на состојбите, инвестиции кои ќе ја зголемат нивната атрактивност, ќе го подобрат квалитетот на услугите и ќе овозможат постигнување на стандардите, препорачуваат ревизорите.

Како што информираат, во текот на октомври и ноември 2022 година врз основа на претходно одобрение и одлука од Надзорниот одобор на АД ЕСМ -Скопје, од страна на Управниот одбор на основачот, биле формирани две нови друштва: Друштво за туризам, угостителство, рекреација и спорт ЕСМ МОЛИКА ДООЕЛ- Битола – Друштво за туризам, угостителство, рекреација и спорт СКИ ЦЕНТАР ПОПОВА ШАПКА ДООЕЛ -Тетово.

Процесот на преструктуирањето на друштвото, укажуваат, е проследено со одредени слабости. Имено, недвижните ствари биле отстапени на новите друштва, но тоа не било случај и со движните ствари, чија сметководствена вредност изнесува 190.735 евра, а за кои не била обезбедена проценка за нивната вредност од страна на овластен проценител. Дополнително, различниот пристап при прераспределба на вработените од подружниците Попова Шапка и Молика во новоформираните друштва резултирал со покренување на судски постапки од страна на дел од вработените.

Со извршената ревизија констатирани се и други состојби кои се однесуваат на извршениот попис, исплати без поткрепувачка документација, несоодветно евидентирање и други неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување на мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива.

За надминување на констатираните состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.

Back to top button
Close